АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека разоткриени податоци на Фајзер откриваат дека сите бремени жени кои биле дел од клиничките испитувања за вакцината доживеале спонтан абортус.
Во склоп на постот објавен е текст од сајтот Коловрт, кој во текот на целата вакцинална кампања заговара против нејзиното спроведување. Конкретниот текст кој го рецензираме, се однесува на документ од Фајзер од 21 февруари 2021 година, кој е кумулативна анализа на несакани последици од вакцината по нејзиното одобрување.
Во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без вакцинација или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против Ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД, укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат како спонтан абортус.
Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, зошто многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, пред дури и да знаете дека сте бремена, пишува на веб страницата на „Мајо“ клиниката.
Втората манипулација во текстот кој го рецензираме, се оние 238 бремености за кои нема пријавен исход. Нив, неименуваниот автор на текстот ги претставува како да се неважни и ги елиминира од статистиката, за да претстави лажна и шокантна информација дека 100 проценти од бебињата во првите три месеци починале како резултат на спонтан абортус. Ова е манипулација затоа што е можно сите тие 238 бебиња за кои не е пријавен никаков исход, да се живи и здрави, па затоа за нив да не е пријавен исход, а тоа би ја довело стапката на спонтани абортуси под 10 проценти во испитаниот примерок од 270 бремености.
Настрана фактот што никаде во извештајот на „Фајзер“, ниту пак во текстот што го рецензираме, не е можно да се докаже причинско последична врска меѓу вакцината и спонтаниот абортус. Како што веќе напоменавме, постои стапка на спонтани абортуси која е вообичаена, односно постои независно од вакциналниот статус на мајката.
Според доктор Дениз Џејмисон, претседателка на одделот за гинекологија и акушерство на Универзитетот Емори, има докази дека мРНК вакцината не предизвикува спонтани абортуси.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД, американскиот колеџ за гинекологија и акушерство и асоцијацијата за мајчинско фетална медицина, препорачуваат вакцинација на бремените жени против Ковид-19.
Иако податоците се ограничени, сепак Центарот за контрола и превенција на болести на САД исто така тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу луѓето кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат.
Доктор Емили Милер, професорка по гинекологија и акушерство на Нортвестерн Универзитетот вели дека нема докази дека вакцината предизвикува спонтани абортуси.
Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.
Спонтаниот абортус е релативно чест, кај 11 до 16 проценти од бременостите. Стапката на спонтан абортус после ковид вакцинацијата е во истиот опсег, вели доктор Ева Пресман, претседателка на одделот за гинекологија и акушерство на универзитетот Рочестер.
Поради сите горенаведени информации, оценуваме дека не е вистина дека 100 отсто од бремените жени во клиничките испитувања на „Фајзер“ доживеале спонтан абортус. Во текстот кој го рецензираме е направена манипулација со статистиката, на начин што е изваден огромен дел од испитуваниот примерок за кој нема пријавени несакани ефекти (238 бремености) и тој примерок е претставен како да не постои, со цел процентуално да се зголеми стапката на спонтани абортуси на наводни и неточни 100 проценти. Вакцинацијата на бремени жени се препорачува од сите медицински професионалци, а испитувањата кои се правени од медицински авторитети посочуваат на бенефитите од вакцинацијата кај бремените жени, кои имаат поголем ризик од компликации ако се заразат со Ковид-19 од другите луѓе.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар