2win800x200

Лага е дека ковид-19 не постои, дека не прскаат со авиони и не чипираат со вакцините

Јануари 29, 2022

Со теоријата на заговор за „кемтрејлс“ користена во постот, се инсинуира дека авионите нè трујат со хемиски супстанци односно отрови кои предизвикуваат симптоми карактеристични на ковид-19. Ова, се разбира е неточно. Направени се истражувања од научната заедница и не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови. Неточно е  и тврдењето во постот дека пандемијата со коронавирусот е измислена и дека вирусот е лажен имагинарен. Ковид-19 постои и е реален, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот на светско ниво. Исто така,  апсолутно е невозможно преку вакцините да се изврши чипирање на населението. Вистината е дека состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип

Oбјава  на Фејсбук шири поголем број на дезинформации поврзани со вакцните против коронавирусот. Во една иста објава се споменува и прскање од авиони, и вакцини со наночипови за контролирање на населението и се тврди дека вирусот не постои, а дека пандемијата е лажна. Сите овие тврдења се неточни!

Под објавата е прикачено видео со многу драматична музика, во коешто се прикажани неколку дијаграми на кои наводно е објаснето кои компоненти се внесуваат во човековото тело со секоја нова доза на вакцина и се тврди дека тие потоа делвуаат како мрежа за следење и контролирање на човековото тело.

Иако видеото изобилува со дијаграми, стручни зборови и наводни објаснувања за штетата којашто ја прават вакцините во телото, сепак целото видео е многу збунувачко, нафрлани се многу тврдења, а за ниедно од тие тврдења не се понудени докази дека се вистински, а не измислени.

1.) Не постои вирус Ковид-19, туку луѓето умираат и страдаат од нов тип на ЕМГ зрачење, скоро секој ден сме туширани од авиони (т.н. camtrails).

Ова тврдење повеќепати е дебаникирано од тимот на „Вистиномер“ и претставува една од најчестите и најраспорастранетите лаги поврзани со коронавирусот. Теоријата на заговор за „кемтрејлс“ , која е стара повеќе од две децении го преставува верувањето дека патеката односно белата трага што ја создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Со оваа теорија се инсинуира дека авионите нè трујат со хемиски супстанци односно отрови кои предизвикуваат симптоми карактеристични на ковид-19. Ова, се разбира е неточно. Иако се направени истражувања од научната заедница, не е дојдено до ниту еден доказ дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови.

Под 2.) Пандемијата е внимателно испланирана на лажен и имагинарен вирус (според формулата: акција-реакција-решение) ЛУЃЕ ВО СТРАВ, ЗА ДА ПРИФАТАТ “ВАК*ЦИНИ” КАКО РЕШЕНИЕ ЗА НИВНИТЕ ПРОБЛЕМИ. (читај страв).

Што се однесува до тврдењето во постот дека пандемијата со коронавирусот е измислена и дека вирусот е лажен имагинарен, ќе кажеме дека е една голема лага. Ковид-19 постои и е реален, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот на светско ниво

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација (СЗО) потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. 

Ковид-19 или SARS- CoV-2, претставува дефиниран вирус. Tој според својата геномска структура припаѓа на родот бета-корона вируси. Сите хумани бета-корона вируси (SARS-CoV-2, SARS-CoV, и MERS-CoV) имаат слични карактеристики, но имаат разлики во нивната геномска и фенотипска структура, што ја менува патогенезата, односно симптомите и знаците на заболувањето, како и неговата сериозност.
Постојат повеќе извори и научни студии кои докажуваат дека вирусот SARS-CoV-2 e изолиран, но исто така е направено и комплетно секвенционирање на геномот на вирусот. Тоа значи дека комплетниот генетски материјал на вирусот причинител на ова заболување е изолиран од назофаринксот на пациент и е докажано неговото постоење, како и неговиот уникатен генетски материјал кој тој го содржи.

Под 3.) „вак*цините“ што луѓето ги добиваат како хипнотизирани говеда, под влијание на агресивната кампања на мејнстрим медиумите, воопшто не се вак*цини, туку нешто сосема друго… НАНО ЧИПИРАЊЕ ЗА АПСОЛУТНА КОНТРОЛА НА ЦЕЛОТО ЧОВЕШТВО!!!

И овој лажен наратив, дел од поглема антиваксерска кампања, во неколку наврати тимот на „Вистиномер“ го има разобличено. Освен што е неточно, апсолутно е невозможно преку вакцините да се изврши чипирање на населението.
Вистината е дека состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип.

Дефинитивно е лага дека која било вакцина содржи микрочип во нејзиниот состав, без разлика на тоа какви бази на податоци постојат во здравствените системи на секоја земја. Вакцината содржи само компоненти кои што имаат за цел да создадат имунитет против коронавирусот кај вакцинираното лице, немаат никакви компоненти што ќе му ја променат ДНК на реципиентот, ниту пак некако ќе го следат во секојдневниот живот.

Всушност дозата на вакцните е помала од еден милилитар, а тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Исто така и димензиите на иглите со кои што се врши вакцинирањето не се доволно големи. Експертите велат дека таквите уреди би било невозможно тајно да се испорачаат преку аплицирање на вакцини користејќи ја постоечка технологија.

Интерната димензија на иглата е 0.3 милиметри. Чипот би морал да е фракција од ова, за да се спречи да се заглави. Ова не е можно, а особено зашто би морало да биде вграден и трансмитер. За микрочипот да може да помине низ оваа игла со која се врши вакцинацијата, би морал да биде помал од десет илјадинки од милиметар, пишуваат проверувачи на факти од Австралија.

Властите како што се австралиското Министерство за здравство и Центаpот за контрола и превенција на болести на САД, исто така, појаснија дека вакцините против кводи-19 не содржат микрочипови, софтвер или можности за следење.

Тврдењата засновани на конспирациски теории за за (не)постоењето на вирусот, за целта и ефикасноста на вакцините, претставуваат ризик за јавноста, посебно во овој периодот кога целиот свет, но и нашата земја се соочува со нов бран на инфекции со омикрон сојот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани