2win800x200

Смртните случаи од ковид не растат со бројот на вакцинираните

Февруари 15, 2022

Вакцинацијата не допринесува за смртноста во Северна Македонија, а за тоа има повеќе показатели. Како еден од тие показатели е фактот што смртноста во државата почна да расте уште пред воопшто да постои вакцината и земјава за првпат во 2019 година влезе во состојба на негативен природен прираст. Секојдневните статистики од Министерството за здравство покажуваат поголема смртност меѓу невакцинираното население

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во којшто се изнесени дезинформации, кои не кореспондираат со фактичката состојба, но има елементи и на говор на омраза, како и клевети.

Објавата е напишана непосредно откако новиот министер за здравство, доктор Беким Сали, оствари средба со лидерите на верските заедници во С. Македонија, од којашто средба, потоа, на прес-конференција, сите заеднички упатија апел верниците да се вакцинираат. Во постот се тврди следното:

Фајзер, ко шмајзер! Колку повеќе вакцинирани, толку повеќе приходи од погреби. Тоа е единствена мотивација за повикот за вакцинација на поповите. Како пари не гледаат. Не замислуваат како идни мртовци.

Во склоп на ова тврдење, објавени се и фотографии од импровизирани мртовечки сандаци, а и фотографии од свештенослужител на кој му се упатуваат навреди, пцовки и погрдно е ословен како „слуга на сатаната“ и „Јуда“.

Меѓутоа, не е точно дека колку повеќе се вакцинирани граѓани, толку повеќе има смртни случаи (на тоа имплицира тврдењето „толку повеќе приходи од погреби”).

Вакцинацијата не допринесува за смртноста во С. Македонија. За тоа има повеќе показатели. Како еден од тие показатели, ќе го посочиме фактот што смртноста во Северна Македонија уште пред воопшто да постои вакцината, почна да расте и земјава за првпат во 2019 година, влезе во состојба на негативен природен прираст, односно повеќе луѓе во 2019 година починаа, отколку што беа живородени. Овие информации ги темелиме на изјавите на демографскиот аналитичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски дадени за повеќе медиуми. 

Според него, во 2019 година за првпат Македонија влегува во негативен природен прираст, што значи дека бројот на починатите бил повисок од бројот на живородените и таа разлика меѓу родени и починати во 2019 била 601 лице. Во 2020 година, таа разлика меѓу родени и починати се зголемила од 601 (во 2019 година) лице на 6.724 лица! Во 2020 година вакцина немаше, а трендот на негативен природен прираст веќе бил почнат!

Герасимовски за ова посочува повеќе причини, меѓу кои и тоа дека младите луѓе се иселуваат од С. Македонија, па така населението станува „старечко население“, следствено се намалува и бројот на живородени деца, со оглед на тоа што популацијата што е во состојба да ги создаде тие деца се иселува во странство. Тоа се само дел од причините.

Што се однесува на делот од написот во кој се вели дека свештенослужителите ги гледаат граѓаните како „идни мртовци“ па затоа апелираат на вакцинација, ова тврдење не одговара со фактичката состојба за тоа колку од починатите од ковид-19 биле вакцинирани, а колку невакцинирани. Фактите се дека во С. Македонија, поголемиот дел од починатите лица како последица на ковид-19, биле невакцинирани.

Освен тоа, во светот веќе постои тренд кој во земјава уште не е имплементиран, а тој е за целосно вакцинирани да се сметаат граѓаните кои примиле три дози вакцина. Кај нас за целосно вакцинирани се сметаат граѓаните кои примиле две дози и од втората доза поминале повеќе од 14 дена. Овие 14 дена се потребни за организмот да почне да создава имунитет односно одговор на вакцината.

ШТО ПОКАЖУВААТ СТАТИСТИКИТЕ НА МЗ

Дека вакцинираните не се тие коишто во поголем број завршуваат со смртен исход од ковид-19, покажуваат и статистиките кои Министерството за здравство на дневно ниво ги испраќа до медиумите.

Така, според овие статистики, на 9 февруари 2022 година, од вкупно починати 34 лица, 18 биле целосно вакцинирани, а останатите не биле. Кај 33 од овие 34 лица биле регистрирани коморбидитети.

На 8 февруари 2022 година пак, според статистиката на Министерството за здравство од вкупно 25 починати лица 7 биле целосно вакцинирани а останатите 18 не биле! Кај 23 од починатите биле регистрирани коморбидитети.

На 7 февруари 2022 година, од вкупниот број на починати кој изнесувал 21 лице, само шестмина биле целосно вакцинирани, а другите 15 не, а кај 18 лица биле регистрирани коморбидитети.

На шести февруари, регистрирани се 29 починати лица во ковид статистиката. Од нив 6 биле целосно вакцинирани, а 23 не биле. Кај 26 лица биле регистрирани коморбидитети.

На петти февруари 2022 година регистрирани се 16 починати лица, од кои 3 биле целосно вакцинирани, а 13 не биле. Кај сите 16 лица се регистрирани коморбидитети.

На четврти февруари 2022 година регистрирани се 39 починати лица од кои 7 се целосно вакцинирани а 32 не се. Кај сите 39 лица се регистрирани коморбидитети.

На трети февруари 2022 година регистрирани се 24 починати лица од кои 9 се целосно вакцинирани, а 15 не се. Кај 20 лица биле регистрирани коморбидитети.
 

На втори февруари 2022 година регистрирани се 26 починати лица. Од нив 12 целосно биле вакцинирани а 14 не биле. Кај 25 лица се регистрирани коморбидитети.

На први февруари 2022 година, регистрирани се 35 починати лица, од кои 13 се целосно вакцинирани а останатите не биле. Кај 34 лица се регистрирани коморбидитети.

Секојдневните бројки покажуваат поголема смртност меѓу невакцинираното население, а особен фактор на контрибуција за смртноста е факторот на придружните болести.

И искуствата на лекарите коишто две години работат во ковид центрите, покажуваат дека вакцината е спасоносна во поглед на смртниот исход, во голем број случаи. Така, доктор Илир Демири, инфектолог од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на прес- конференција минатата недела истакна:

Луѓето не треба да се опуштаат и да мислат дека омикрон е лесна варијанта, затоа што ова охрабрување е клинички неиздржано. Од моето досегашно искуство не сум видел ниеден починат од ковид без коморбидитети, а да е редовно вакциниран. Единствената мерка која би не заштитила да го поминеме ова полесно е вакцинацијата и тоа е наша обврска. Жално е пациент да живее во Скопје а да не е вакциниранапелираше доктор Демири, кој истовремено е и член на Комисијата за заразни болести.

Сите верски заедници во државата, едногласно апелираат на имунизација и граѓаните да не потпаѓаат на пропаганда и да го заштитат своето здравје.
Оттука оценуваме дека е невистинито тврдењето изнесено во постот дека „колку повеќе вакцинирани, толку повеќе приходи од погреби“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани