Марко Јосифовски од ОК на ВМРО ДПМНЕ Битола, денеска реагираше на вчерашниот прес на Весна Баковска од ОО на СДСМ која обвини дека ВМРО ДПМНЕ се фалат со прокетите на бившите директори на СДСМ во битолското образование.
Жално е што локалната опозиција, продолжува со својата лицемерна политика и тоа во една од најчувствителните области, поврзана со иднината на нашите деца – образованието. Додека учениците поминаа цело прво полугодие без учебници по повеќе наставни предмети, а така ќе го започнат и второто полугодие, СДС се обидува да дефокусира од овој реален проблем кој е одговорност на Министерството за
образование, припишувајќи си ги проектите кои се реализираат во битолските училишта како свои.
Не, почитувани од СДС, не постојат Ваши или наши проекти.
Секој реализиран проект е проект за нашите граѓани, а единствено оваа локална самоуправа покажа доблест, да овозможи континуитет на започнатите проекти, да реализира нови и да подготвува проектна документација за проекти кои ќе се реализираат во периодот кој следува.
Сите тие проекти, се проекти кои се реализираат со пари на граѓаните, за подобра иднина на нашите ученици.
Во услови на економска и енергетска криза, кога блок дотациите од Министерството за образование, покриваат само 16% од трошоците за образование, општината во соработка со училиштата, работи на повеќе проекти, меѓу кои се и проектите за подобрување на енергетската ефикасност на повеќе училишни згради.
Заврши времето, кога директорите како партиски неподобни, беа принудувани да си даваат оставки, а наставниците ги губеа работните места.
Сега е време на промени, во кои партиската припадност не смее да влијае на образовниот процес, зошто само така, континуитетот ќе даде резултати кои ќе донесат подобра иднина за младите генерации.