АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Граѓаните на Битола несмее да плаќаат иста цена на електричната енергија кaко и останатите градови, бидејќи се најпогодени од загадувањето од работaта на термоелектраната РЕК-Битола, ова е ставот на независната листа на советници, предводена од Габриела Илиевска.
Иван Чулаковски, кандидат за советник, на денешната прес-конференција пред мерната станица во строгиот центар на Битола порача дека „битолчани мора да имаат субвенционирана сметка за електрична енергија, која ќе биде поразлична од онаа на граѓаните на Берово и Неготино, токму поради тоа што директно ги трпат последиците од загадувањето на воздухот на сопствената кожа“.
Правото на чиста и здрава животна средина е граѓанско право гарантирано со многу конвенции, декларации и протоколи како и со Уставот на Република Македонија, но како што вели Чулаковски ,за жал, сите овие закони не важат за граѓаните на Општина Битола. Со години наназад Битола се вбројува во општините со ужасно загадена животна средина и со години битолчани дишат загаден воздух, што резултира со пораст на процентот на заболени од рак во битолско.
-Во изминатите 26 години независна Македонија, ниедна власт, ниту на централно ниту на локално ниво, не се зафатила сериозно да го реши проблемот кој за граѓаните на Битола, во буквална смисла на зборот, е од животно значење. И додека едни велат оти немаат ингеренции, а други дека “немаат надлежност врз божјите сили“, сѐ поголем број наши сограѓани умираат заради негрижата и неспособноста на државата да се справи со овој проблем-рече Чулаковски.
За независната кандидатска листа за советници во општинскиот Совет, приоритет во изборната програма ќе биде покренување постапка за донесување на таканаречениот „Закон за РЕК“.
-Тоа ќе подразбира, промена на филтрите во РЕК Битола.Преместување на седиштето на АД ЕЛЕМ од Скопје во Битола, субвенционирање на цената на потрошената електрична енергија за граѓаните на Општина Битола, јасно дефинирање на распределбата на средствата од РЕК- Битола за Општина Битола, како Општина загрозена од загадувањето, како и реализација на проектот за топловод од РЕК- Битола кон Општина Битола-рече Чулаковски, објаснувајќи дека постапката подразбира организирано собирање на 10.000 потписи од граѓани и усвојување заклучок од општинскиот Совет за поддршка на постапката, како и формирање поширока експертска група заради изработка на предлог закон кој ќе биде доставен на разгледување и усвојување до Собранието на Република Македонија.
-Кога се во прашање здравјето и животот на граѓаните на Општина Битола, носењето на „Закон за РЕК “ нема и не смее да има алтернатива. Сите останати проблеми се и мора да бидат од второстепено значење, исто како што сите партиски и политички игри и калкулации мора да бидат тргнати настрана.Начинот на решавање на проблемот со загадувањето на Битола мора да биде поинаку од досега, рече кандидатот за независен советник Чулаковски.