АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Конзервативниот ум, во постојана потрага по „чистота“ е мотор за поделби, а поделбите, знаеме, можат да се вршат на безброј начини. Многу од начините се потрошија како пропагандни наративи. Можеме веќе да препознаеме многу од Гебелсовите принципи и тоа препознавање е првиот чекор да не се потпаѓа на конкретниот наратив. Меѓутоа, сѐ повеќе се забележува и нешто ново: Инженеринг на неформални недоследности во дуплост, во итерираност, многу често користејќи сосема пристојни поими.
Подзаспан од леснотијата на чистите категории, токму конзервативниот ум сеуште ги прави старовремските грешки на кои се засновуваат пропагандите уште од војните, додека новиот пропаганден инженеринг безмилосно гази напред. Неспремноста за мешани значења, неволноста за поткатегоризирање, невложување напор за синтетизирање и интегрирање, го остава конзервативниот ум во френетечни фрагментирања во сѐ поголем неуспех да создаде слика што му се случува. Еден демократски воспитан граѓанин има поголема имуност кон истото, бидејќи дозволува повеќе различни работи да важат истовремено. Синтезата, интеграцијата е пожелна, води кон среденост, наместо расфрлани коцкички во „чисти“ бои.
Сите поделби и сместувања во „чисти“ категории го користат истиот метод: За нешто да биде „чисто“, тогаш нешто друго мора да се ексклудира. Нетрпеливоста кон напорот на инклудирањето некаде ги буди и пештерските инстинкти против секаква инклузија, а некаде се шири во сите асоцијации на инклузијата, како на пример кон самите принципи на демократијата.
Инклузивноста на демократијата, сепак не значи дека таа би требало да инклудира тотално ексклудирачки елементи во себе кои би ја истиснале. Всушност, ултрадесните и ултралевите се тие кои (сѐ уште) се наивно уверени дека демократијата е универзално, сеопшто инклузивна. Врз основа на тоа уверување, во јавноста пропагираат „Демократијата е слаба – не бидете слабаци“. Интуитивно сметаат на кршливост на демократијата, но и кога порационално би пристапиле да бранат тоа стојалиште, сигурно би рекле дека залагањето за високи човечки вредности нема ниту доволна, ниту природна мотивација. Секако, со тие претпоставки тоа е тешко да се побие, настрана што тие сосила додаваат маса на пештеризмот. Според тој начин на размислување, демократското однесување не прави еквилибриум – едноставно, работите не се „сталожуваат“ на принципите на демократијата, како, што, на пример, односот на машки и женски единки во голема популација се „сталожува“ на 50-50. Но, реалноста не е таква, демократијата сепак, и покрај упорниот обратен инженеринг, се препознава како нешто авангардно, хумано, во насока на иднината, додека национализмите, автократијата, диктатурата, имаат аура на некои минати векови.
Со таа идеја, дека еквилибриумот е „нивни“ бидејќи пештеризмот е вроден, а демократијата е вештачка, опортунистичките ултрадесни и ултралеви центри на пропаганда притискаат кон наративи дека не е доследно демократијата да ги ексклудира ексклудирачите: Дека ексклудирањето мора да е дисонантно со демократското однесување, дека демократијата мора да биде исклучиво инклузивна кон сѐ, па и кон тоа што ја нарушува, од каде што си заклучуваат дека демократијата е неприродна. Ситуацијата е во суштина обратна – на ексклудирачите им е потребна барем малку инклузија инаку ниту ќе нема што да се ексклудира, ниту ќе има ексклудирачи. Реалноста на оваа ситуација кажува дека ексклудирачите не се комотни. Дека токму од таа некомоција се принудени кон нови пропагандни инженеринзи за да ја враќаат точката на „природниот“ еквилибриум во пештерското правило „око за око“, а таа упорно се изместува од таму, кон еквилибриум во кој сѐ поразумно, поетичко однесување на линија на демократските вредности.
Во самиот јазик има илустрација за оваа стапица во која паѓаат ексклудирачите но и одвлекуваат маса од неутралните (често оние кои се комплексираат за доследност). Имено, се знае дека сите наредни афирмации на „да“ остануваат „да“ монотоно, додека негациите на „не“ – осцилираат во „да“, па „не“. Слично е со многу глаголи и соодветно изведени глаголски именки. На пример, толеранцијата е монотона, инклузијата е монотона, непристрасноста е осцилаторна,… Монотоноста на поимот не може да се прекрсти во суштинска „доследност“, едноставно таква е јазичната ограниченост – отсечна. Нетолеранцијата има осцилаторен квалитет – нетолеранција кон нетолеранцијата ја зајакнува толеранцијата всушност. (Толеранција кон нетолеранцијата ја зајакнува нетолеранцијата. Нетолеранција кон толеранцијата се стреми кон сеопшта нетолеранција). Така е и со инклузијата/ексклузијата. Инклузија на инклудирачки квалитет секако дека ја зајакнува инклузијата, тоа е во линија на демократијата. Но, инклузија на ексклудирачки квалитет ја слабее, бидејќи тој ексклудирачки квалитет, како што е на пример ултра-национализмот, се стреми да ги ексклудира инклузивните квалитети на општеството. Ексклузијата на ексклудирачките елементи во едно општество е работа токму на демократските институции и тоа е далеку од „недоследност“. Тоа е баш доследност и верност на поимот за инклузија, а со тоа и на демократија.
Можеби ова е првенствено јасно од разбирањето на слободата на говорот: Имаш слобода на изразување на мислата, аналогно како што во сообраќајот имаш слобода да возиш. Но, тоа подразбира да имаш мисла (способност да возиш), односно да се случило мислење, а не со упорно немислење да потпалуваш и да искажуваш очигледно опасни работи. Не е слобода намерно да ги загрозуваш другите и не е слобода да бидеш невнимателен колку што ќе ти дојде на рака. Слобода е, единствено ако е онолку ограничена за секоја единка, колку и другите единки да бидат слободни. Не повеќе, не помалку. Тоа е таа чувствителна точка на демократијата. И, има полиција (институција) да го спроведе тоа ограничување на твојата слобода на возење. Слично би требало да биде и со говорот, со тоа што суптилноста на правилата на изразување на мислата ги прави потешки за апсорбирање отколку сообраќајните, а полицијата тука нема особен простор. Би била, тогаш, потребна многу попрефинета институција отколку полиција, но идеалот е без застрашување од надворешна институција да се дојде со слободата на изразување на мислењето. Идеалната точка е во демократската институција во нас самите – скромноста, алтруизмот,солидарноста, толеранцијата… Всушност, нека се потсети конзервативецот или националистот кои квалитети на карактерот традицијата на која се повикува – ги слави.
За новиот еквилибриум, односно точката на вистинската мерка за демократија, инклузија, толеранција: Со милениуми се одржува еквилибриум во односите меѓу империите, државите, општествата врз основа на правилото „око за око“ или условното предупредување за „вадење око“, доколку макар и случајно му „извадиш око“ на другиот. Така се одвивале досега реципроцитетите, низ вакви симулакруми и тоа дури и во детските игри е прифатено за „природно“. Целата историја на меѓународни договори и реципрочноста, содржи многу малку „добра волја“, а многу обврзувања за „не ти вадам око, ако ти не ми вадиш“. Илустрации за ова има и кај Бодријар, но и во примената на теоријата на игри во констатирањето на еквилибриуми. На пример, нуклеарното наоружување е експлицитно таква игра.
Меѓутоа, во 21. век веќе е исцрпен еволутивниот притисок од пештерското (и условното пештерско) однесување, па многу држави лизгаат кон опасни „пробувања“ колкава цена се плаќа за лулање на еквилибриумот, во обиди да се добие нешто повеќе за себе. Можно е оттаму да потекнува посилното диференцирање во светот и соодветното вртење десно, наместо интеграциите. Сепак, ЕУ и во добар дел САД, но и на Исток, првенствено Кина, Јапонија – соодветно на своите милениумски култури, а и други денес технолошки многу развиени земји, во општествената култура речиси истовремено засилуваат слични универзално-етички елементи или барем прават обиди, компатибилни со демократските принципи. Сите овие земји ја согледале веќе суб-играта која ќе ја помести „природноста“ која има почнато во времето уште пред паѓањето на железната завеса, а можеби и уште малку порано – од вселенската трка. Сфаќањето дека е потребна нова точка на еквилибриум, повисоко на човековата скала на развој станува еднаков на стремежот кон опстанок и истовремено, подобра перспектива. Подобро е да се знае каде таа треба да оди, наместо од комоција за да остане „по старото“ да не се опстане.
Демократските принципи, во овој поглед, се еволутивен притисок за поместување на достигнатиот еквилибриум кон нова точка, повисоко отколку онаа на однесувањето „око за око“ и сличните условни верзии. Внатрешното владеење на мериторноста и етичките принципи се, токму, компатибилни со елементите на демократијата. Ова, во нова, подобра мера, ја квалификува секоја држава дека етички и во добра волја ќе се однесува и меѓународно. Се работи за таква еволуција – или нема да има луѓе на Земјинава топка.