МКЦ - БИТОЛА ПРОДОЛЖУВА ДА ОБЕЗБЕДУВА ПРЕТХОДНА ПРАВНА ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ

Април 08, 2019

Младински културен центар Битола веќе девет години е овластено здружение на граѓани за давање претходна правна помош. Деветгодишното постоење на канцеларијата за претходна правна помош овозможи кај граѓаните од општина Битола, како и поблиските општини (Новаци, Могила, Демир Хисар, Ресен и Кичево), препознатливост на МКЦ - Битола како место во кое истите се обраќаат и добиваат претходна правна помош во вид на општа правна информација, иницијален правен совет, како и помош при пополнување на барање за бесплатна правна помош.

Првенствена цел е едукација и заштита на законски загарантираните права, особено на социјално загрозените граѓани, како и обезбедување на претходна правна помош. Оваа година со изготвување на информативно видео, во соработка со останатите четири овластени здруженија од проектот „Пристап до правда во Македонија“, предвидено е поголема маса на граѓани да бидат информирани и запознати со новиот закон за бесплатна правна помош. Понатаму, преку одржување на четири едукативни сесии во општините Битола, Ресен и Кичево, како и преку одржување на директни средби со граѓаните од врата на врата предвидено е подигнување на јавната свест и степенот на нивна информираност од една страна, како и подобрување на нивните знаења за придобивките на законот од друга страна. Со цел утврдување на степенот на информираност на граѓаните со правата од постоечкиот закон за бесплатна правна помош предвидено е анкетирање на 120 граѓани селектирани според различни критериуми и изготвување на статистички преглед во поглед на возрасна граница, етничка припадност и степен на образование. Оваа анализа ни е од големо значење особено за поставување на идна насока за тоа кај кои категории на лица е потребна поголема ангажираност сè со цел нивно запознавање и информирање со правата и обврските од законот за бесплатна правна помош.

Во склоп на овогодинешните активности при одобрено барање за бесплатна правна помош предвидено е набљудување на постапки, како и обезбедување бесплатна правна помош на граѓаните чии барања се одбиени од страна на Министерство за правда.

Во процедура е донесување нов закон за бесплатна правна помош чија примена ќе започне од 01.10.2019 година. Новиот предлог закон предвидува можност за користење право на секундарна правна помош за секое лице кое има потреба од стручна правна помош од адвокат, за конкретна правна работа, кое не е во можност да ги плати трошоците на постапката заради неговата финансиска состојба, чие барање е оправдано и ги исполнува законски предвидените критериуми.

Во текот на 2018-та година од страна на МКЦ - Битола дадена е претходна правна помош на вкупно 162 граѓани. Врз основа на вака укажаната претходна правна помош поднесени се седум барања за бесплатна правна помош, од кои четири се одобрени, две се одбиени, а за едно барање постапката е запрена, по иницијатива на странката. Како резултат на одржаните едукативни сесии од страна на МКЦ - Битола едуцирани се вкупно 105 граѓани од општините Битола, Могила, Ресен и Кичево и истите се запознати со законот за бесплатна правна помош. Оваа година очекуваме бројот на услужени граѓани да биде зголемен. За таа цел апелираме до сите граѓани кои имаат правен проблем или познаваат некој кој има правен проблем, да се обратат во нашата канцеларија, на ул.„Цар Самоил“ бр.29, секој работен ден од 09:00 до 16:30 часот или на телефонските броеви 047 233-020 или 071 254 337 и да побараат претходна правна помош.

Во склоп на активностите планирани со проектот „Пристап до правда во Македонија“, кој што се реализира со финансиска поддршка од Фондација Отворено Општество - Македонија канцеларијата на МКЦ - Битола е отворена за сите граѓани во текот на 2019 година, стои во соопштението на МКЦ – Битола.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани