АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По повод 5-ти декември Меѓународниот ден на волонтерите, Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија) од 2006 година востанови Национални волонтерски награди. Целта е оддавање на јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.
Оваа година МКЦ додели
ЗЛАТЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО ВО 2023 ГОДИНА на
Ман анд Моунтаин (Man and Mountain LLC) за организација и реализација на десетгодишната иницијатива за заштита на животната средина ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА во рамките на која се реализираат масовните волонтерски акции Генералка Викенд и Сончева Гора.
Во волонтерската акција Генералка Викенд во 2023 година беа вклучени 51 општина и Националниот парк Шар Планина. Исчистени беа вкупно 304 локации. Беа вклучени повеќе од 300 училишта и градинки. Вкупно 15.811 учесници - волонтери придонесоа во волонтерската акција и беа собрани вкупно 252.681 килограми отпад.
Дополнително во акцијата за пошумување Сончева Гора во ноември 2023 година беа засадени 50.000 садници во близина на езерото Младост крај Велес со учество на преку 100 волонтери.
Ман анд маунтаин е главен организатор на овие волонтерски акции со мобилизација на огромен број на волонтери во партнерство со бизнис секторот, државните институции, општините и граѓанскиот сектор.
ЗЛАТЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО ВО 2023 ГОДИНА на Проф. д-р Моника Марковска
Во 2023 година, Проф. д-р Моника Марковска има активен волонтерски ангажман како Потпретседател на Советот за женско претприемништво во општина Битола и како Претседател на Ротари клубот Битола Широк сокак. Евидентни се нејзините заложби за организирање на волонтерски настани и хуманитарни акции. Исто така, има ангажмани во различни проекти, организирање и реализација на работилници со млади и лица од ранливи категории од областа на претприемништвото. Таа постојано се залага и за промоција на социјалното претприемништво. Нејзиниот волонтерски ангажман е видлив преку организација на настани на кои се промовираат нови технологии, како што е примерот со виртуелната реалност и дигиталната писменост.