2win800x200

Трибина на МНД Битола-Енергетската ефикасност како предизвик за поквалитетен и одржлив развој на средината

Март 15, 2022

БИТОЛА – Светлата страна на РЕК „Битола“ е од огромно значење за државата во целина, додека темната страна е загадувањето и последиците што ги трпи Битола и граѓаните. Голема загуба за енергетскиот систем и за екологијата е тоа што не се изгради топлификациски систем од РЕК „Битола“. Ова се само дел од заклучоците на трибината „Енергетска ефикасност како предизвик за поквалитетен и одржлив развој на средината“, што се одржа во организација на Македонското научното друштво во Битола по повод Светскиот ден на енергетска ефикасност. 

Нема достапен опис

„Една од најзначајните кризи со кои се соочува денешницата е и енергетската криза. Човекот веќе долго време неконтролирано, несовесно и без внимание врши експлоатација на природните ресурси, кои за жал, во најголем процент доаѓаат од не обновливи извори, како што се фосилните горива, пред се нафта, јаглен“, рече д-р Невена Груевска, претседател на МНД Битола.

Емисиите на SO2 од РЕК Битола“ се околу девет пати повисоки, емисиите на прашина се повеќе од двојно над националните плафони. Електраната во Битола е меѓу најопасните централи во регионот во однос на здравствените влијанија што ги предизвикува. Согласно изработен модел утврдено е дека заради емисиите од РЕК Битола има околу 300 смртни случаи годишно, 6.290 денови на симптоми на астма кај деца, 594 случаи на бронхитис кај деца, 74.349 работни дена отсуство од работа и 212 кардиоваскуларни и респираторни хоспитализации. Заради фактот што не се почитува Националниот план за намалување на емисиите Секретаријатот на Енергетска заедница иницира постапки за решавање спорови против државата на 16 март 2021.

За потсетување, во Битола постоеше систем за топлификација со капацитет околу 25MW во сопственост на Топлификација АД Скопје кој заради пораст на цената на енергенсот се затвори.

„Согласно потпишаниот договор со Енергетската заедница со зеленото сценарио се планира затворање на термоцентралата РЕК Битола во скоро време. Европската унија како резултат на тоа започна со проекти за транзиција со цел ублажување на последиците. Денес се наоѓаме во критичен период кога треба да се донесат сериозни одлуки и храбро и недвосмислено да се влезе во инвестирање во енергетскиот сектор“, рече Горан Неделков,  стручњак во енергетиката.

Eлектричната енергија која ЕСМ ја произведува има „социјална цена“, на пример за период од 2010 г. до 2021 г. цената просечно била околу 20% пониска од берзанската цена. Во 2022 година разликите се огромни, моменталната цена на електричната енергија на берзата е над 300 евра за MWh додека цената од ЕСМ е околу 40 евра за MWh. Исто така за истиот период од 2010 г. до 2022 г. цената на ЕСМ има пораст околу 18% додека МЕПСО има зголемување 41,48% и ЕВН повеќе од 58%.

Според Неделков, за пелагониските општини да добијат енергетска правда потребно е надомест заради загадување од јаглен по 0,62 денари за KWh произведена електрична енергија од РЕК „Битола“ за општините Битола, Новаци и Могила. Државна и меѓународна помош за изградба на 100 MW фотоволтаична централа која ќе се отстапи во владение на општините Битола, Новаци и Могила.

Нема достапен опис

„Битно е да се каже тоа дека за жителите на Битола, Новаци и Могила да почувствуваат ‘енергетска правда’ треба да го промениме однесувањето и да не гледаме на таа тема црно или бело во зависност од позицијата на ‘власт или опозиција’, туку треба сите заедно отворено да разговараат за работите наведени погоре  да може дел од нив да се прифатат“, рече Горан Неделков.

Термоелектричната централа РЕК „Битола“ започна со производство во1982 година кога во работа беше пуштен првиот блок, вториот блок во 1984 година додека третиот блок беше пуштен во работа во 1988 година. Во 2005 година, производството на електрична енергија достигна 5.007 гигават часови, а во 2015 година изнесувало 3.138 гигават-часови за во 2020 година да изнесува 2.667 гигават – часови. Термоцентралата РЕК „Битола“ е столбот на енергетскиот систем и државата во изминатите 40 години.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани