2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Ванчо Михајлов „влезе“ и во Собранието

Април 28, 2022

На седницата за пратенички прашања во Собранието денеска,  пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, го праша премиерот Димитар Ковачевски, зошто  Владата дозволи во Битола да се отвори Културен центар кој го носи името на Ванчо Михајлов

-Чиста, брутална, јасна и јавна провокација претставуваше отворањето на тој бугарски клуб во Битола, а вие и натаму си молчите, зарем немате срам, кого мислите дека правите будала, народот знае сѐ, ја претворивте државата во територија, а сега се обидувате да ја претворите во нечија земја, Ковачевски, дали ви е јасно дека во ваше време се отвора културен центар со име на фашист во антифашистичка Македонија и сега вие, како претседател на Владата, што ќе направите со културниот центар? , рече Мизрахи во своето прашање до премиерот.

 Ковачевски одговори:


„Јас сум директен и искрен човек и искрено и како премиер и како граѓанин ќе ви одговорам. Сосема е во ред, која било соседна држава којашто има граѓани кои се самоопределуваат, да отвори културен центар во нашата држава, како што впрочем, пред многу години и ние отворивме културен центар во Софија, како што веќе низа години постои културен центар на Бугарија во Скопје. Тоа е една од многуте форми за пријателство, добрососедство и размена на културните вредности.

Конкретно, ние како две држави, како два народа, сме различни, со различен културен, јазичен и национален идентитет. Така било, така ќе биде, бидејќи македонскиот народ има вековита засебна традиција, историја и посебен идентитет.

Но, во исто време, не сум задоволен, не се согласувам и сум многу разочаран што соседна Бугарија одлучи да именува центар со името на Ванчо Михајлов. За мене, а знам и за огромното мнозинство на граѓаните, лицето Ванчо Михајлов е поврзано со директна соработка со нацистички и фашистички режим. Тоа е крајно негативен лик, кој направил огромна штета на македонскиот народ. Човек кој учествувал во ликвидација и ништење на македонски револуционери. Бил соучесник во режимот кој ги депортираше сите македонски Евреи во логорите на смртта. Тоа е огромно, ужасно, непростливо злосторство. Како се чувствувам? Нималку добро. Многу бев вознемирен кога ги видов бугарските официјални лица, заедно со македонски граѓани, пред сѐ од Битола, кои отвораат центар со вакво име, со слики и фигури на овој лик.

И мојот личен став и ставот на мојата партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет. Ист е. И кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист како тој кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и сопартијците во најголемиот криминален проект Скопје 2014-та година.

Не знам, дали го имате на сликите во вашата Бела палата. Вие си знаете.

Но, знам дека токму ВМРО ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов. Тоа е срамно и недозволиво. Исто како што ваши членови беа на отворањето во Битола, водена од градоначалник на ВМРО ДПМНЕ. И срамно е што вие во вашиот статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров и на Протогеров за кого редовно пеете песни. Патем, нивниот ученик и соработник, Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации, како што сложно тројцата претходно, учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери, како што тој срамен лик бил водач на ВМРО во 20-тите години на минатиот век, а ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифаќа и се гордее со тој континуитет.

Па свртете се, ве молам, околу вас, во белиот дворец, видете ги сликите во него, прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека тие го слават Ванчо Михајлов, не јас, ниту СДСМ, ниту најголем дел од нашите сограѓани“, повика премиерот Ковачевски.

Тој рече дека има слики кој присуствувал на отворањето на клубот во Битола и ќе му ги даде на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со отворањето на Центарот во Битола, премиерот повтори дека дал насоки на надлежните ресори и министри, да направат анализа зошто нема законска регулатива со којашто ќе се спречат вакви и слични имиња да бидат користени и најважно, да подготват законска основа за нивно соодветно третирање.

„Планирам директно да го информирам колегата Петков, дека како Влада, во текот на оваа година, имаме намера да отвориме нов културен Центар на Република Северна Македонија во Благоевград. Името на Центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја“, најави премиерот Ковачевски и рече дека на овој настан планира да повика претставници од опозицијата.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани