АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Прифатилиштето за животни кое ќе го гради Општина Битола се планира да биде сместено во некогашната Ветеринарна станица кај Земјоделското училиште.
Денес работен состанок одржаа градоначалникот Тони Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, советници со директорот на Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, Благојче Кривевски, а присуствуваше и британскиот експерт Брајан Фолкнер, претставник на RSTCA - Кралското здружение за спречување на суровост врз животните.
„Многу се радувам, пренаменувате стара зграда за која не само само што не се направило ништо туку и се распаднала. Тоа што не се направило ништо за мене е трагично, но се работи за еден убав стар објект кој ќе биде искористен за проект кој ќе биде нешто добро за заедницата и каде студентите ќе може да доаѓаат тука, да учат и да стекнуваат искуство. Децата од училиштата ќе може да доаѓаат тука од едукативни причини. Вчера имав прилика да седам со инженерите и да ги разгледам нацртите. Сè што вклучиле во тие нацрт планови се нешта кои јас секако би ги препорачал“, изјави Фолкнер.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека, локалната самоуправа на овој начин, продолжува со работа на проектот, до неговата финална реализација, со цел заштита на граѓаните, хуман третман на животните, но и заштита од финансиските реперкусии врз буџетот, кои во изминатиот период по основ на тужби од граѓани каснати од куче, изнесувале 4.000.000 денари.
„На стартот сме, на реализацијата на еден многу значаен проект, за граѓаните на Битола, за сите нас. Она што во предизборието беше заложба на сите нас и на граѓаните, беше да направиме едно прифатилиште за бездомни животни. Директорот на земјоделското училиште ни го отстапи овој простор со адекватна намена, некогашна ветеринарна станица од пред 100 години, простор кој ќе го оплемениме, на кој ќе изградиме современо прифатилиште за бездомни животни. Мислам дека ќе најдеме еден заеднички пристап кон овој проект. Ја имаме проектната документација, македонски и балкански искуства во изработката на проектот, ја имаме зградата во која ќе биде сместено ова прифатилиште. Реализацијата на овој проект ќе биде фазна, ќе чини, но еднаш засекогаш ќе го реши проблемот“, изјави Коњановски.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, нагласи дека, токму како резултат на добрата соработка помеѓу сите релевантни субјекти, за краток период е изработен проект, со кој, конечно може да се пристапи и кон реализација на проектот на терен.
„Ова е проект кој почнува да се реализира, затоа што е глас на граѓаните. Сите ние, знаеме дека е проблем во Битола, сакаме и мораме да најдеме начин истиот да биде решен“, рече Илиевска.