АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
– Една фотографија – илјада зборови, но, има фотографии што ви ги одземаат сите зборови, сите противречни аргументи. Токму такви се и овие фотографии и подвижни слики на браќата Манаки – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на вчерашното отворање на изложбата „140 години од раѓањето на Милтон Манаки 1882 – 2022“ организирана од битолското одделение на Државниот архив во НУ Завод музеј Битола.
– Од првото „Ателје за уметничка фотографија“ во Битола, купувањето на тристотиот примерок на камерата „Бајоскоп“ (Bioscope) во Лондон, до нивното кино „Манаки“, всушност е создадена историја, не само со културна и уметничка вредност. Од „Браќа мечтатели“ до „Браќа на светлината“, љубопитниот Јанаки и темпераментниот Милтон, биле хроничари на турбулентната прва половина од 20 век – додаде таа.
Таа потсети дека токму тие ги овековечиле случувањата во кралските дворови во Букурешт, во Белград и на османлискиот двор, но оставиле и траен запис од илинденците, како и од страдањата на македонскиот народ во крвавиот период по Илинденското востание.
– Објективот не го испуштиле од рака – од Илинден 1903 до фашистичкиот пораз 1944 и влегувањето на македонските партизани во Битола. Со еднаква професионалност и страст направиле илјадници фотографии и подвижни слики и од кралеви и од селани, и од окупатори и од револуционери, и од порази и од победи, и од сити и од прегладнети, и од палати и цркви и од трошни куќи, и од дијадеми и од носии, и од царски балови и од народни игри и ора – рече Костадиновска-Стојчевска.
Според неа, нивната културна оставина е историско сведоштво кое мора достојно да го вреднуваме и да продолжиме да го заштитуваме и од забот на времето и од заборавот.
– Ниту Балканот, ниту Европа, па дури ни светот, а најмалку ние, смееме тоа да го дозволиме. Зашто опусот на браќата Манаки, кои се основоположници на македонската кинематографија, над сѐ, има цивилизациска вредност. Оти, каков ли ќе бил текот на историјата, особено на кинематографијата, ако Јанаки не се воодушевил од мотото на англискиот производител од кој ја купил првата камера на Балканот – „Го ставаме светот пред вас“ – рече таа.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Започна во 1979 година по иницијатива на еден од главните основачи – Друштвото на филмските работници на Македонија (кое годинава ја одбележува и својата 65-годишнина), а во соработка со градот домаќин Битола и со Кинотеката на Македонија. Основан е во чест и како инспирација од пребогатиот фотографско-филмски опус на браќата Манаки: Јанаки (1878 – 1954) и Милтон (1880 – 1964, кому годинава му одбележуваме и 140 години од раѓањето). Со тоа природно биле удрени темелите на идниот фестивал, во градот под Пелистер, градот на конзулите – Битола, каде што браќата Манаки имале фотографско студио и кино.
Во почетокот замислен како Манакиеви средби, а потоа и Фестивал на филмската камера на eксјугословенските кинематографери, Фестивалот растеше со голем потенцијал, а по независноста на Република Македонија, прогласена на 8 септември 1991, прерасна во Интернационален фестивал на светските кинематографери, чии играни филмови се во конкуренција за трите фестивалски награди: Златната, Сребрената и Бронзената камера 300.
Така, Битола стана Мека на најдобрите светски директори на фотографијата, откривајќи многу нови таленти што денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на нашиот фестивал, а паралелно овенчани и со славата на оскаровци кои низ годините шетаа по улиците на Битола, која ја сметаат за свое уметничко гнездо.
Покрај плејадата лауреати на наградите од официјалната конкуренција –Камера 300, Фестивалот „Браќа Манаки” е горд и на својот Клуб на великаните, во кој влегуваат најголемите светски мајстори на филмската камера/фотографија, кои станаа добитници на двете почесни врвни награди: „Златната камера 300 за животно дело“ и „Специјалната златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“.
Од 2013 година е воведена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Република Македонија.