АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во рамките на офф програмта на Филмскиот фестивал "Браќа Манаки", единствениот поп рок хор кај нас, Битвокс, под раководтвсо на Марина Коруновска, ќе го има својот прв настап во вторник на 23 август во 20:30ч. пред "Божиновски". Тоа е поводот да поразговараме со Коруновска за идејата за формирање на поп-рок хорот, за ентузијазмот меѓу хористите и за неверојатната енергија што ја има на пробите, за нивниот дебитанстски настап и репертоарот со кој ќе настапат
Апла.мк: Покрај детскиот хор Ѕвончиња, под Ваше раководство функционира и поп рок хорот BitVox. Како и кога се роди идејата за формирање на eдинствениот поп рок хор кај нас?
Марина Коруновска: Идејата потекнува одамна, уште пред пандемијата, но чекавме да се создадат услови за да може да се реализира. Во месец декември 2021г.во школата Korunovska music &singing ни се приклучи познатиот рок пејач и гитарист од нашиот град, Михајло Трајковски- Сак, кој ни даде дополнителен стимул да ја реализираме идејата. Веднаш после Нова година се мобилизиравме со подготовки и осмислување на проектот, направивме аудиција и во месец март 2022г.хорот започна со работа.
Апла.мк: Колку членови има хорот и колку често се состанувате и вежбате? Колку траат пробите?
Марина Коруновска: Хорот брои 25 членови. Се состануваме еднаш неделно по 2 саати.
Апла.мк: Како изгледаат пробите, дали е тоа опуштена атмосфера каде човек можe да се наполни со позитивна енергија?
Марина Коруновска: Пробите започнуваат со распевање, вокална техника, вежби за дишење и дикција. Вклучени се и вежби за опуштање и релаксација со светски методи на музикотерапија и вокалотерапија. Потоа се разработуваат музичките аранжмани по гласови, кои ги реализира мојот соработник Александра Ристовска, во придружба на пијано и гитара. А за енергијата, најдобро можат да ви одговорат членовите на хорот :)
Апла.мк: Што ви велат луѓето кога доаѓаат да се зачленат, кои се нивните мотиви?
Марина Коруновска: Мотивот на хористите, пред се', е желбата за пеење, затоа што пеењето е центарот кој ги поврзува срцето и мозокот (чувствата и мислите). Постојат класични и детски хорови, но застапеноста на поп-рок музиката во хорските изведби скоро и да не постои, или е многу ретка. Затоа, најголемиот мотив е да се биде дел од нешто ново и оригинално, а воедно да се негува љубовта кон овој жанр на музика.
Апла.мк Го нарекувате поп-рок хор за возрасни деца? Зошто?
Марина Коруновска: Поаѓаме од мотото: "Негувај го детето во себе" и таа енергија ја пренесуваме на нашите хористи. На тој начин го поттикнуваме секој од нив да допре длабоко во себе, да го пронајде детето во себе и да ја изрази својата(детската) среќа, сон и желба. Затоа, впрочем се возрасни деца.
Апла.мк: Што е на репертоарот на поп-рок хорот?
Марина Коруновска: Во моментов на репертоарот се наоѓаат песни од англиско, македонско и српско говорно подрачје.
Апла.мк: Кој може да членува, дали е потребно познавање на нотите?
Марина Коруновска: Во хорот може да членува секој кој што има желба за пеење и основна музикалност, која ја проверуваме преку кратка аудиција. Кандидатите не мора да имаат познавање на музичка нотација, затоа што аранжманите се наши, се прават спонтано, тековно во склоп на пробите, без нотни партитури.
Апла.мк: Од каде е идијата за името на хорот?
Марина Коруновска: Името на хорот и ликот на логото го осмисливме сите членови на BItVox, меѓутоа реализацијата на логото не ќе беше можна без Анамарија Миткова, ќерка на една од нашите хористки, инаку студентка по графички дизајн на ФОН. Исто така, таа и нејзината мајка Биљана Темелкова го направија промотивниот спот (од спонтани моменти на пробите). Се надеваме дека Поп-рок хорот “ BitVox” ќе стане препознатлив бренд на Битола, исто како детскиот хор “Ѕвончиња”.
Апла.мк: Се подготвувате за концерт на поп рок хорот, кажете ни нешто повеќе, кога ќе биде, каде, што ќе има на репертоарот?
Марина Коруновска: Особено драго ќе ни биде вие и вашиот портал да присуствувате на нашиот прв настап во рамките на Филмскиот фестивал "Браќа Манаки" (на офф-програмата), во вторник на 23 август во 20:30ч.пред "Божиновски". Во програмата која ја подготвивме се познати поп-рок хитови. Нека биде изненадување.
E. Мисирлиевска