НА ДЕНЕШЕН ДЕН 3 декември 1920
Во Софија, Бугарија е родена Лилјана Ахилова ЧАЛОВСКА, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, новинар, политичар, општественик и поетеса.
Член на комунистичката младинска југословенска организација СКОЈ стана во 1939 година, а на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во 1940 година. Беше еден од лидерите на македонското студентско движење на Белградскиот универзитет и курир на Централниот комитет на КПЈ на релацијата Загреб – Белград. Непосредно по Априлската војна од 1941 година стана член на Месниот комитет на КПЈ во Битола, а потоа, во септември 1941 година, и член на ПК на СКОЈ за Македонија. Беше претседател на Младинскиот одбор за Македонија, инструктор на ПК на КПЈ за Македонија за организациите на СКОЈ. Ги одржуваше врските со ЦК на КПЈ и работеше во Агит-проп на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во 1943 година од бугарската полиција беше уапсена, подложена на физичка тортура и интернирана во Бугарија, но успеа да избега и да замине на слободната територија во Западна Македонија, во базата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во селото Турје, Дебарца. Стана член на Иницијативниот одбор за свикување на Првиот конгрес на НОМСМ во село Фуштани, на 22 декември 1943 година и заедно со Крсте Црвенковски ги подготви конгресните документи. Избрана беше за член на Главниот одбор на НОМСМ. По Конгресот замина со Групата баталјони и по Февруарскиот поход, како член на Редакцијата, на планината Козјак учествува во подготовката на првиот број на весникот „Млад борец" од 22 март 1944 година. Беше член на Централниот одбор на УСАОЈ, а како новоизбран секретар на ПК на НОМСМ во јули 1944 година, кооптирана е и за член на ЦК на КПМ. Избрана беше за делегат за Второто заседание на АВНОЈ, а како делегат на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година е член на Президиумот на АСНОМ. По Ослободувањето, од 15 декември 1944 година, стана член на првиот Главен одбор на АФЖ за Македонија. Ја заврши Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград. Беше во брак со Лазар Колишевски. Уредник на дневниот весник „Борба“ од Белград, пратеник во повеќе свикувања во Собранието на СРМ и во Собранието на СФРЈ, член на ДПМ од 1967 година и член на Советот на Федерацијата од 1974 година. Автор е на неколку збирки поезија како: „Бдение за Виетнам“ (1967), „Антидневник“ (1971), „Пребир“ (1972), „Пергел“ (1974), „Повесница“ (1977), „Поморјански песни“ (1981), „Стихови“ (1981). Носител на орденот „Партизанска споменица 1941“. Почина во Скопје, на 20 јули 1997 година.