2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

На денешен ден се родени Ѓорѓи Наумов и Коле Канинкски, учесници во НОБ

Јануари 18, 2023

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 18 ЈАНУАРИ 1916

Во Битола е роден Ѓорѓи Василев НАУМОВ, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Потекнува од земјоделско семејство од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија, кое по Првата балканска војна се досели во Битола.

Брат на народниот херој Стеван Наумов-Стив. Работи како шофер и е вклучен во разни активности на работничкото движење во Битола од пред Втората светска војна.

Од 1941 г. е член на Комунистичката партија на Југославија. Еден од главните организатори на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битола. Ангажиран во формирањето на првиот битолски партизански одред.

Откако одредот „Пелистер“ е создаден на 22 април 1942 г., назначен е за командант на одредот. Спроти празникот Први мај, при извршување на илегални задачи во селото Лавци, заедно со соборците Стево Трајковски-Тефико и Никола Ѓорѓиевски-Никлецо, е откриен и заробен од бугарската полиција. Неколку дена подоцна, односно на 3 мај 1942 г., Првиот битолски партизански одред „Пелистер“ е уништен од бугарската фашистичка војска и полиција.

При натамошните испитувања во бугарскиот истражен затворот во Битола е подложен на страшна физичка тортура, која храбро ја издржа. Со пресуда бр. 228 од 21 јули 1942 г., осуден е на смрт со бесење и истиот ден пресудата е извршена во скопскиот затвор.

 

 

 

НА ДЕНЕШЕН ДЕН 

18 ЈАНУАРИ 1914

Во селото Канино, Битолско, е роден Никола ТОДОРОВСКИ-Коле Канински, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија..

По професија е правник. Основното и средното образование ги заврши во Битола. Во октомври 1933 година замина на студии по право во Белград. Тука имаше забележителна улога во прогресивното прокомунистичко студентско движење. Стана член на КПЈ во 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се врати во Битола и продолжи со својот политички ангажман.

Од 1940 година е член на Месниот комитет на КПЈ-Битола. На битолскиот терен, сред населението беше многу популарен. Во септември 1941 г. стана член на првиот Битолски месен воен штаб и непосредно раководеше со организирањето на партизанската борба во Битолско. Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата неколкупати е затворан, а есента 1942 г. се приклучи кон партизанските единици. Во април 1943 г. стана началник на штабот на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

По формирањето на Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ на 20 мај 1943 г. тој е негов командант. Подоцна беше именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада. Избран беше за делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загина на 22 јули 1944 г., како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај при испробувањето на минофрлач кај селото Буринец, Струшко, на планината Караорман.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани