2win800x200

Битола се сеќава на жртвите на 80 годишнината од холокаустот на битолските Евреи

Март 09, 2023

На чествувањето по повод 80 годишнината од депортацијата на над  3000 битолските Евреи во логорите на смртта денеска не дојдоа претставници на Амбасадата на Бугарија во Македонија, ниту пак од генералниот конзулат во Битола. Пред споменикот на жртвите од холокаустот во Битола, се поклонија припадниците на Еврејската заедница, граѓани, политичари, гости од Израел, амбасадори и конзули на повеќе држави меѓу кои и на Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Од Еврејската заедница велат дека испратија покана до сите конзулати и Амбасади во земјава.

-Покани се испратени до целиот дипломатски кор. Ние имаме одбележување и комеморација три дена. Кој каде ќе дојде секој сама одлучува, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.

Леви вели дека Европа не смее да дозволи притисок врз Македонија за промена на историската вистина, а провокациите од Бугарија со отворање клубови на докажани соработници на фашистите не водат кон прогрес.

- Тоа не се билатерални прашања, тоа се мултилатерални прашања и за тоа треба да биде загрижена цела Европа и целиот свет. Се знае која беше фашистичката оска, се знае кој ги собра невините еврејски жртви, вели Леви.

Mинистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на комеморацијата по повод одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи, што се одржa во Офицерскиот дом во Битола

-Денска не им судиме на злосторниците и нивните слуги. Денеска го чуваме од заборав споменот на нивното злосторство за никогаш да не се повтори. Споменот на направеното злосторство е најголем кошмар за злосторниците и нивните поколенија,. Едно е да наведнете глава од почит, друго да наведнете глава од срам, но и за тоа треба да се има доблест, рeче министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. .

Во своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска истакна дека на 11 март, битолчани секогаш ја наведнуваат главата од почит кон своите 3 350 жители, македонски Евреи, за никогаш да не се повтори.

„И денеска, ќе бидеме дел од Поворката на живите, минувајќи го молкум патот што го врвеа оние што не се вратија. На пругата ќе оставиме каменчиња како симбол на вечно паметење и молитва за почит кон оние што неповратно беа одведени. Зашто драгите луѓе никогаш не ги погребуваме, нив ги испраќаме. Нека им е вечен споменот“,  рече министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека Битола никогаш нема да го заборави тоа злокобно мартовско утро пред 80 години кога за последен пат 973 еврејски семејства го пречекорија прагот од своите домови. Истиот ден, со 14 сточни вагони почнала депортацијата на битолските Евреи. Првата станица бил логорот кај Скопскиот монопол. Следната и последна – Треблинка.

„Ќе му оддадемe почит на доктор Хаим Абраванел, првиот лекар специјалист кој Битола го памети како врвен професионалец и голем човек, човек кој го подигна Здравствениот дом во Битола. Денеска ќе ѝ оддадеме почит и на храбрата Естреја Овадија, со партизанско име Мара. Загинала на неполни 22 години бранејќи ја својата Македонија од фашистичкиот окупатор. Прогласена е за народен херој. Естреја била една од стотиците македонски Евреи кои им се приклучиле на партизанските одреди“, рече Костадиновска-Стојчевска.

И покрај сите материјални сведоштва“, додаде Костадиновска-Стојчевска, „некои и по 8 децении го негираат Холокаустот, затоа ним и денеска, од антифашистичка Битола, ќе им порачаме – Никогаш повеќе!“

Во своето обраќање градоначалникот на Битола Тони Коњановски, нагласи дека овој ден е потсетување на едно тешко време исполнето со многу невини жртви, но и наша порака во денешнината.

„После 80 години, страшното злосторство на депортацијата во логорот на смртта во Треблинка на 798 семејства со 3351 битолски Евреи, наши сограѓани, останува болно сеќавање на Битола, за луѓето кои на суров начин ги загубиле своите животи, но и наша порака во денешнината никогаш да не дозволиме злото против човештвото да се повтори. Само со почит кон минатото и извлекување поука од него, можеме заедно сплотени, со пријателство и љубов, да продолжиме напред, во денешнината која ќе ја стави во вечен заборав деструктивноста, негувајќи ги добрината, моралот и високите цивилизациски вредности. Зачувувањето на спомените за големата хероина Естреја Овадија Мара, нејзиниот борбен дух, спомените за еден од најпознатиот лекари Хаим Абраванел и многу други, историски значајни личности – Евреи кои живееле во Битола и во Македонија, се уште една потврда за нашето заедништво, пријателство и соработка.

„Негувајќи го спомените на нивната пожртвуваност, хуманост и посветеност, даваме почит и кон нивните дела и нагласуваме дека Битола навистина памети, но и потсетува дека, мирот, љубовта и меѓусебното разбирање, мора да бидат дел од нашето живеење, во кое ќе ги почитуваме различностите, за да изградиме подобар живот и иднина за сите нас“, рече градоначалникот Коњановски.

Од споменикот на жртвите на холокаустот во некогашното еврејско маало до железничката станица во Битола се одржа и традиционалниот Марш на живите, пат што утрото на 11 март 1943 година, го минаа пешки битолските Евреи пред да бидат депортирани со вагони до Скопје, а потоа до логорот Треблинка. Во нивни спомен, учесниците во маршот на пругата положија цвеќе и камчиња со имињата на еврејските семејства кои никогаш не се вратија дома.

 

Holokaust Bitola 1

Holokaust Bitola 2

80 години 08

Holokaust Bitola 3

Holokaust Bitola 4

Holokaust Bitola 5

Holokaust Bitola 6

Holokaust Bitola 7

Holokaust Bitola 8

80 години 14

80 години 21

80 години 39

80 години 45

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани