2win800x200

На денешен ден, 17 март, се родени Вангел Нечевски Тунелот и  Лазо Хаџи Поповски, учесници во НОБ  

Март 17, 2023

На денешен ден 17 март се родени Вангел Нечевски Тунелот и  Лазо Хаџи Поповски, учесници во НОБ  

На 17 март  1922 година во Битола е роден Вангел НеЧевски-Тунелот, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Работел како наемен работник во тутунската индустрија. Пред Втората светска војна станал член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Бил и активен член на прокомунистичките УРСС-ови синдикати. Подоцна бил примен за член на КПЈ. По фашистичката окупација бил ангажиран во акциите на Месниот комитет на КПЈ за Битола за собирање оружје и за растурање пропаганден материјал. Бил уапсен од бугарската фашистичка полиција во почетокот на 1942 г. По половина година интернација, се вратил во Битола и кон средината на 1942 г. станал борец во Партизанскиот одред "Дамјан Груев". Подоцна бил курир на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Одржувал редовни врски со грчките и со албанските партизани, пренесувал илегално одговорни политички и воени раководители. Пред крајот на антиокупаторската борба станал заменик-командант на дивизија. По ослободувањето од фашистичката окупација работел во органите на ОЗНА, вршел одговорни политички и државни должности во Битола и во Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Бил носител на Партизанска споменица 1941 г., на други награди и признанија, а за народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 г. Почина во Битола, на 5 март 2006 г.

 

 

На 17 март 1917 во Битола е роден Лазо Хаџи Поповски, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење во Вардарскиот дел на Македонија, учесник во Антифашистичката војна, чевларски работник.

Вклучен во прогресивното работничко движење во Битола од пред Втората светска војна, а по 1938 г. особено активен, кога е и секретар на Чевларската секција на УРС (Удружени раднички синдикати, всушност прокомунистичките синдикати во кралска Југославија). Од крајот на 1940 г. член на КПЈ. Од 1941 г. член на Месниот комитет на КПЈ за Битола. Еден од организаторите на Илинденската демонстрација во Битола во 1941 г. кога ги изработува транспарентите кои беа носени низ битолските улици.
 
Од есента 1941 г. одговорен за техниката и илегалците. Во почетокот на 1942 г. член на Окружниот комитет на КПЈ за Битола, а заради искомпромитираност во врска со убиството на полицискиот началник  Ќурчиев, по 15 април 1942 г. испратен на партиска работа во Прилеп, во Егејскиот дел на Македонија за поврзување со КПГ и во Скопје и Куманово. Подоцна е назначен за заменик политкомесар на ПО „Даме Груев“ и заменик политкомесар на Втората оперативна зона на ГШ на НОВ и ПОМ. Во 1943 г. испратен на партиска работа во Егејскиот дел на Македонија, а потоа во Битола.
 
По војната на разни општествени и политички раководни должности. Почина во Битола на 27 февруари 1999 г.
 
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар
 
 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани