АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Младинскиот културен центар - Битола како граѓанска организација која активно работи на промовирање на волонтерството на локално и национално ниво, во соработка со Општина Битола и Локалниот волонтерски совет на Општина Битола, започна иницијатива за партиципативно креирање на нова стратегија за волонтерство за Општина Битола за периодот 2023 – 2026 година.
Со цел да се обезбеди поголема јавност и можност сите граѓани на Општина Битола да се запознаат со процесот, да дадат свое мислење и предлози се организираат два консултативни форуми за изработка на стратешкиот документ. Првиот се реализира 22 март 2023 година во Битола, наменет за претставници на организатори на волонтерска работа (граѓански организации, државни органи и јавни институции) и граѓани.
Следниот ден следува вториот консултативен форум кој е наменет за млади кои се воедно и најбројна целна група која се вклучува во волонтерски активности. На овај начин ќе имаат можност да се вклучат и во креирањето на локалните волонтерски политики.
„На партиципативен, инклузивен начин овие месеци работиме на подготовката на документот. Направени се структурени интервенции во документот. Консултативниот форум се одржа со цел досега сработеното од стратегијата да добие јавност. Битола предничи во однос на другите општини за промоција на волонтерството. Пред неколку години формиран е Локалниот совет за волонтерство како меѓусекторско општинско тело кое и денес е активно и функционира. Преку подготовката на оваа стратегија сакаме да ја заокружиме волонтерската инфраструктура на ниво на општина Битола која понатаму може да биде репер за другите општини да го преземат истото искуство и да формираат и Локални совети за волонтерство и да ги подготват локалните стратегии“, рече Мери Нашоку од МКЦ-Битола, координатор на проектот.
Катица Михајловиќ вклучена во изработката на стратегијата за Битола рече дека самиот процес првично опфати анализа на состојбата со волонтерство во општината, формирање на работна група за подготовка на стратегијата, спроведување на три работилници, презентација пред јавноста за да се дадат дополнителни импути во документот пред да биде предложен за усвојување од страна на општинскиот Совет.
„Стратегијата се базира на четири цели, а тоа се промоција на волонтерството, поддршка на волонтерските активности, негова промоција во образовниот систем и поддршка на локалната инфраструктура за волонтерство“, рече Михајловиќ.