АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Претседателката на битолскиот Совет, Габриела Илиевска, сепак свика вонредна седница на Советот на Општина Битола што треба да се одржи утре во 12 часот. Тензиите меѓу Илиевска од една страна и градоначалникот Тони Коњановски и општинската администрација од друга страна, траат еден месец, а сега најверојатно се во фаза на „примирје“.
Последната ситуација е ваква најверојатно додека не се изјасни вишиот државен инспектор за локална самоуправа, Раим Муслиу, за тоа дали била во право Илиевска што ја прекинала претходната седница туку-така без да гласаат советниците за прекинот, и дали е законски продолжувањето на седница од страна на советниците и мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ. Вишиот инспектор Муслиу за „Независен“ вели дека извештајот од спроведената инспекција во Битола ќе биде готов утре и проследен до двете страни, по што и јавноста ќе биде информирана за законитоста на одлуките донесени на последната седница.
На дневен ред на утрешната вонредна седница се поставени само три точки поврзани со изградбата на велосипедските патеки покрај реката Драгор, измените на програмата за економски развој на Битола за оваа година. Како и заклучок за усвојување на извештајот на општинската комисија за проценување на штети од елементарни непогоди во Битола настанати од невремето на 27 мај 2022 година.
Илиевска за „Независен“ појаснува дека седницата ја свикала врз основа на член 53 од деловникот во кој стои дека „вонредна седница свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или на барање на најмалку една третина од советниците. Советот не може да го менува дневниот ред, а пред почетокот на седницата, советниците ќе гласаат за оправданоста за свикување на вонредна седница“.
После речиси еден месец од последната седница на Совет, градоначалникот Коњановски, вчера јавно ја повика Илиевска да закаже нова седница, бидејќи трпела работата на општината.
Коњановски согласно Статутот на општината, достави писмен предлог до претседателката на Советот Илиевска, за свикување на вонредна седница.
„Градоначалникот Коњановски побара поддршка и од една третина од членовите на Советот, со цел да се донесат потребните одлуки, за да може општината да продолжи со реализација на планираните проекти и постапки“, велат од општина Битола за „Независен“.
Ситуацијата со дел од проектите е толку итна што крајниот рок за аплицирање истекува токму утре, кога е и вонредната седница, а општината се доведува во ситуација да ги изгуби средствата од странските донатори.
„За проектот за изработка на техничка документација за реконструкција на каскадите и слапиштата, како и на дел од оштетените речни ѕидови на реката Драгор, крајниот рок за аплицирање е утре 18 мај. Повикот го спроведуваат УНДП и Бирото за регионален развој, проектот е во вредност од 33.000 американски долари, а општината за да ги добие бараните средства во износ од 26.400 долари потребно е да има согласност од Советот за кофинансирање од 6.600 долари“, наведуваат од Општина Битола.