На градоначалникот Тони Коњановски ќе му помине мандатот додека сфати дека тој и неговата ДПМНЕ ја имаат локална власт во Битола. А, со тоа и одговорноста за напредокот на градот.
Советничката група на ДПМНЕ и коалицијата, заедно со советниците од Поинаку се сосема доволни на број за да го изгласаат ребалансот што Коњановски и тајфата го скроија.
Владеачка коалиција во Општина Битола се ДПМНЕ и Поинаку. ДПМНЕ има градоначалник, Поинаку има претседател на Совет. Нејасно е зошто прстот на Коњановски за ребалансот на буџетот е вперен кон СДСМ. Ако се работи за желба за инклузивност, Коњановски го пропушти возот со неуморното, двегодишно игнорирање на сите наши забелешки и повици за, на пример, недомаќинското работење на директори по јавни претпријатија. Ама, на Коњановски и тоа не му беше доволно, па сите што не мислат како него ги направи бездушни, дека немаат душа, иако таа тежела само 23 грама. Сега, од бездушни душа бара?
Градоначалниче Коњановски, мислевме дека вашиот сопартиец, Владимир Талески е најлошото нешто што Битола го доживеала, но Вие сте бетер. Под плаштот на вашата повеќедецениска докторска работа за која немаме апсолутно никаква забелешка, ја продавате приказната за душегрижник на Битола. Еден ден со сите се подбивате, следниот ден барате поддршка. Две години "од топук" не нѐ удирате, ама сега кога Ви жежи под нозете, не се вртите кон коалиционите партнери, туку и оваа ситуација ја користите за оцрнување на СДСМ. А, Ви кажавме уште пред еден месец дека ребаланс во кој кратите пари за капитални расходи нема да поддржиме. Но, за Битола и за битолчани не е се загубено. Постојат законски можности за уште ребаланси со кои парите ќе се наметнат за вистински потреби. СДСМ нема веќе да Ви дава амин за башибозукот кој го правите со народните пари!