2win800x200

Изобилство од информации за најградските битолски фамилии во третата книга на Зоран Ѓоргиев, „Приказните од Широк Сокак“

Август 10, 2023

Од печат излезе третото дело на авторот Зоран Ѓоргиев насловено како „Приказните од Широк сокак”. Се работи за колор Б5 формат на 250 страни, една мала монографија во која се спомнати најградските фамилии кои некогаш живееле на Широк сокак заедно со изгледот на нивните градби, историјатот и движење на имот и слично собирани седум години досега.

Содржината на книгата е подготвувана заедно со потомците од големите градски фамилии и нивните богати архиви. Започнува со богатата архива за битолските Евреи која ја поседува Државен Архив Одделение Битола за фамилијата Батино, продолжува со раскажувањата на Тања Франц за фамилијата на првата балканска аптекарка Рајна, следува приказната на почесниот конзул на Франција, Калиопа Кривашија- Стилиновиќ за нејзината фамилија Кривашија, па Гордана Дикова од Сиднеј, Австралија, за приказната на Дикови, Татјана Грегова и Евгениј Ристевски за Цалис, адвокатот  Добре Тасевски за Србинови, фамилија Гугучевски, Љупчо Бошевски и Петар Бојаџиевски за Филипови, Томас Фердинанди и Изабела Патче за Патчеви, Сашо Шамбевски за Портал, Емилија Вукичевиќ за Паско фурнаџијата...

363863181 1021102742241121 5238142581732418407 n

Книгата продолжува со раскажувањата на Анета Светиева за еден дел од сегашниот хотел Македонија, па приказните за битолските фамилии Замаули и Османли на Марина Апостоловска од книгата „Стари семејства”, дополнети со текстот од брошурата „Семејни традиции- Димитрие Османли” на Наде Геневска- Брачиќ и семејни фотографии на Нада Милошева (Бебека), Јелена Сервини Перишиќ и Јани Сервини за големиот Лазар Сервини. Продолжува со кажувањата на Рахел Нахмијас и Сара Ароесте за фамилијата Нахмијас со Давидовата ѕвезда на балконите, Александар Стерјовски, весникит Време и битолскиот Архив за Данабаш, Јован Тасевски за хотел Ројал и фамилија Чукалка, приказната за Нехама благодарение на битолски Архив, фамилиите Васкови и Чкатрови со голема помош од Марјан Гаштаров, Јанаки Папакоч од Белград и Петар Ставрев за фамилија Папакоч, Роберт Јовановски за Хололчеви и Анета Светиева и Јове Топаловски за Топалови.

365455478 154487480965082 263393625280700608 n

Промотор на книгата беше Гордана Такец бидејќи и самото дело е посветено на нејзиниот татко, битолскиот хроничар и новинар Димитар Димитровски- Такец . Рецензенти беа проф. д-р Александар Стерјовски, писател и хроничар на градот и Зоран Алтипармаков, дипл.инж.архитект, советник конзерватор од Одделот за заштита на културно наследство, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола.

365429291 3513541748908508 5897004612577912907 n

Книгата изобилува со многу фактографски податоци, семејни фотографии и раскажувања кои досега се непознати за пошироката битолска јавност и како што нагласи самиот проф.д-р Александар Стерјовски „Перформансите на Широк сокак” на Такец заедно со „Приказните од Широк сокак” се многу важен и битен дел од битолската историја која мора да ја има и познава секој битолчанец кој од срце ја сака Битола.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани