2win800x200

Европските пари за реконструкција на „Парк“ кај Офицерски, локалната власт сака да ги пренамени за изградба на велосипедски патеки

Август 21, 2023

Пропадна проектот на претходната локална самоуправа со европски пари да се реконструира објектот „Парк“ кај Офицерски дом, кој сега е руина и ја нагрдува околината. Актуелната власт сега се обидува да ги пренамени средствата од европските фондови и бара Советот да одобри општински пари за кофинансирање на нов проект за велосипедски патеки на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“. Точката е поставена на дневен ред за 30 седница која треба да се одржи в среда. Но, предлогот не го помина првиот филтер, Комисијата за финансирање и буџет, каде проектот беше образложен од проектниот менаџер Ана Секуловска и претставник на Општина Битола, Венцо Шишкин. Велат причината да се бара пренамена на овој проект е двојно поскапување на градежните материјали за време на КОВИД кризата.

-Проектот е аплициран во 2020 и потоа е одобрен. Кога почнаве со имплементација една од активностите беше реконструкција на зграда Парк пред Офицерски дом. Но, затоа што проектот беше аплициран во 2020, пресметката која беше пратена до Делегацијата на ЕУ изнесуваше околу 400 илјади евра. Но, кога почна реализацијата на проектот после КОВИД пандемијата, видовме дека цените на градежните материјали двојно се зголемени. Од тие причини увидовме дека кофинансирање од Општина Битола за дополнителни 400 илјади евра би биле премногу за да се направи зградата за која не беше дефинирана нејзината улога во градот. За да не биде сторниран проектот, затоа што тоа не е добро за Општината, баравме некое решение, преминавме кон замена на тие пари со друг предлог за да нес е изгубат парите, рече проект менаџерот Ана Секуловска.

Најпрво проектот за реконструкција на Парк бил пренаменет во проект за партерно уредување на Офицерски, но иако овие градежни активности се во тек , Делегацијата на ЕУ не да даде зелено светло за оваа пренамена, но Секуловска не кажа зошто бил одбиен.

-Првично, неформално, се направи пренамена на активноста во партерно уредување пред Офицерски дом, но поради икс други состојби, кои не би ги дискутирала во овој момент, Делегација не ни даде одобрение на таа активност, рече Секуловска.

Потоа продолжи потрагата по други идеи како замена на проектот за реконструкција на Парк.

-Направивме истражување колку имаме велосипедски патеки, добивиме цифра која навистина е мала. Преминавме кон тоа дали Делегација ќе ја прифати оваа активност, дали ќе ја финансира, затоа што проектот е на ЕУ. Имавме многу дискусии, преговарања и договарања. На крај добивме зелено светло од Делегацијата на ЕУ, дека може да се направи проект и да се реализиара со парите кои што ги имаме во рамки на проектот, секако со кофинансирање на Општината од 299 илјади евра. Оние 390 илјади евра ќе бидат преземни за реконструкција на патеките со дополнување на ова сума од Општина Битола. Овие велосипедски патеки ќе се протегаат од едната страна на улица „Васко Карангелевски“ и од двете страни на улица „Партизанска“, рече Секуловска.

Претставникот на Општина Битола немаше одговор на прашањето на претседателката на Советот, Габриела Илиевска, кој дал согласност за измена на проектот токму за оваа намена.

-Јас не сум тој што одлучува, има раководни структури со кој разговарал и проект менаџерот задолжен за овој проект од Делегација на ЕУ. Општината понуди повеќе проекти, не се прифати партерното уредување на Офицерски, а се понуди и овој проект кој е прифатен од Делегација на ЕУ, рече Венцо Шишкин, претставник на Општина Битола.

Тој немаше конкретен одговор ниту за тоа што ќе се случува со зградата Парк, која ја нагрдува околината на Офицерски дом, кој комплетно е реконструиран со пари од фондовите на ЕУ.

-Планот за зградата Парк е дека треба да обезбедиме 800 илјади евра за реконстуркција на овој објект. Имаме основен проект, а како ќе се планира понатаму, оставаме на советниците, рече кусо Шишкин.

На предлогот за пренамена на парите за реконструкција на Парк за изградба на велосипедски патеки, реагираше и СДСМ Битола

-Проектот за реконструкција на Парк е избран уште пред три години и со него просторот околу Офицерскиот дом треба да го добие конечниот изглед. Наместо ругло какво што е сега, објектот е планирано да прерасне во инфо точка за странските туристи, но и место каде било кој посетител на градот ќе може да се информира за Битола. Наместо тоа, Коњановски сега сака да ги искористи парите за велосипедските патеки што ги ветуваше. На што ги потроши градоначалникот 500те илјади евра кои Советот ги предвиде во програмата за економски развој за изградба на велосипедски патеки на Васко Карангелевски и Партизанска? Зошто Коњановски се откажува од реконструкција на објектот Парк за кој се обезбедени европски пари?, прашаа од СДСМ-Битола,

За добивање грант за проект Smart4you2 за реконструкција на објектот Парк преку Програмата за прекугранична соработка аплицираше претходната локалана власт предводена од градоначалничката Наташа Петровска, во чие време беше целосно обновен и Офицерски дом со средства од ЕУ во износ од 1 милион евра. Сега, актуелната локална власт, парите за реконструкција на зградата Парк, по неуспешниот обид за нивна пренамена за партерно уредување на Офицерски, има предлог да се пренаменат за велосипедски патеки. Од Општината до медиумите испратија соопштение во кое наведуваат дека Битола е на чекор до велосипедски патеки од над 5 километри.

-Со потпишувањето на анексот од страна на Делегацијата на Европската Унија, во кој се дозволува пренамена на средствата од проектот Smart4you2, за реконструкција на тротоарите на улиците Васко Карангелевски и Партизанска, по што соодветно ќе се изведат и велосипедски патеки, Битола ќе добие велосипедски дел во должина од над 5 километри, со една заокружена велосипедска целина. Реконструкцијата ќе се изведе на веќе постоечките тротоари, во ширина од 3 метри, без да се нарушува зелениот појас на улиците.За овој проект веќе е изработена техничка докумантација, како и основен сообраќаен проект за воведување на велосипедски патеки во централно градско подрачје во Битола, со сите потребни одобренија, соопштија од Општина Битола.

Дали советниците од ВМРО ДПМНЕ ќе добијата поддршка од останатите членови на Советот на седницата в среда засега е неизвесно, затоа што во моментот власта нема мнозинство во Советот на Општина Битола, откако ја изгуби поддршката од независната советничка група Поинаку.

Е.М.

 

https://apla.mk/

-

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани