2win800x200

КОЊАНОВСКИ НА ПАНЕЛ ДИСКУСИЈАТА НА СВЕТСКА БАНКА: ПРАВЕДНАТА ТРАНЗИЦИЈА НА РЕГИОНИТЕ СО ЈАГЛЕН МОРА ДА СЕ ОДВИВА СО АКТИВНА ВКЛУЧЕНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ

Ноември 28, 2023

Добра информираност, стратешка подготвеност и активна вклученост на сите засегнати страни, почнувајќи оддолу нагоре, односно од граѓаните и локалната самоуправа, е неопходна за успешно спроведување на процесот на Праведна транзиција, потенцираше Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната панел дискусија на тема: „Ангажманот на управувачките структури и засегнатите страни за праведна транзиција“, која во организација на Светска банка, се одржува во Брисел. Дискусијата е дел од годишниот состанок насловен „Иницијатива за регионитe со јаглен во транзиција во Западен Балкан и Украина“, при што на денешниот панел, беа потецирани активностите кои треба да се преземат за најдобро спроведување на процесот на енергетска транзиција.

Коњановски потенцираше дека, недоволната транспарентност на државните институции, при изготвувањето на Националниот акционен план за енергија и клима, ја изоставила вклученоста на граѓаните кои всушност се најзасегнати во овој процес, а информациите и понатаму недоволно се пренесуваат од централно кон локално ниво.

Локалната самоуправа, веќе презема конкретни мерки и активности за подобрување на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, но многу е важно да постои координација, особено во случаите кога се доведени во прашање и работните места на граѓаните:

 „Општина Битола според своите законски обврски, има повеќе активности кои што ги презема, во насока на вклученост во процесот на праведна транзиција. Една од најважните е да се овозможи енергетска ефикасност на објектите кои што се под локална самоуправа. Во последните години на изразена енергетска криза, се работи на јавните објекти, особено на училиштата и градинките, каде што се чувствува најголема потреба од енергетска ефикасност, јавните претпријатија, општината работи на подигнување на јавната свест за зачувување на енергија, соработува со бизнис секторот, а со одредени субвенции стимулира на подобрување на енергетската ефикасност. Нашата стратегија е што повеќе да ја направиме општината, односно јавните општински објекти енергетски поефикасни, а во исто време и да се намали потрошувачката на електрична енергија.

Во однос на соработката на локалната самоуправа и централната власт, мора да постои постојана и активна соработка. Еве ќе го земеме за пример Процесот на праведна транзиција кој во моментов е во зачеток на нашата територија, но е неизбежен.

Самиот процес на напуштање на јагленот е новост за Битола и битолчани, кои во голема мерка работат во РЕК Битола, а тоа создава, нормално своевидна криза и притисок кај граѓаните за нивните работни места. Само со правилна координација на централната и локалната власт во натамошните чекори, со заедничка соработка, можеме да гарантираме економска безбедност на нашите граѓани, што всушност е основен предуслов за квалитетно живеење во нашата општина.

Многу е важно процесот на Праведна транзиција да се одвива постепено, со системски решенија, кои што нема да доведат до отпуштање на работниците, туку ќе се најдат соодветни работни места, со преквалификации и постепено ќе се отвораат нови зелени работни места. Ние веќе имаме развоен план за унапредување на Индустриската зона Жабени, во која што ќе може да се инвестира во нискозагадувачка индустрија, но многу е важно да се има системско решение за лицата вработени во РЕК Битола.

Мора да размислуваме за стабилна иднина на нашите сограѓани, за подобра иднина и за останување на младите, обезбедувајќи им соодветни работни места. Стратегиите бараат и финансика поддршка, а се знае колкав е општинскиот буџет и за што може да се користи, а истовремено и за што да се пренамени“, рече градоначалникот Коњановски на денешната панел дискусија, каде беа разменети искуства помеѓу повеќе земји вклучени во процесот на праведна транзиција.

Градоначаникот Тони Коњановски и секретарот Борче Димитровски, покрај учеството на панел дискусијата, остварија состанок и со претставници на Европската банка за обнова и развој и претстaвници на Делегацијата на Европската унија, во контекст на проектите кои е планирано да се реализираат од локалната самоуправа, а кои може да добијат поддршка од Климатскиот инвестиционен фонд или други фондови.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани