Министерството за здравство информира дека сите јавно-здравствени установи во Република Северна Македонија во пресрет на одбележувањето на новогодишната ноќ се подготвени со дежурни екипи за обезбедување на потребната здравствена заштита кај пациентите.
-Со цел избегнување на несакани последици како алкохолни труења и сообраќајни незгоди, апелираме до граѓаните да прославуваат мирно и одговорно со консумирање на алкохолни пијалоци во умерени количини и да внимаваат на прекумерното внесување храна. Спречувањето на интоксикацијата со алкохол на новогодишната ноќ е важно за здравјето на поединецот и за здравјето на најблиските. Апелираме да не се користат и разни пиротехнички средства кои може да предизвикаат тешки телесни повреди. На сите граѓани им посакуваме среќни новогодишни и божиќни празници, порачаа од Министерството за здравство