2win800x200

Директорка на државна институција и пензионер од Битола, наводно, оделе со службен автомобил во Албанија и Србија

Февруари 02, 2024

БИТОЛА – Актуелната директорката и пензиониран правник од Државниот ученички дом „Мирка Гинова“ од Битола, во текот на мината година, наводно, во повеќе наврати патувале со службената кола во соседните држави, објави nezavisen.mk

 

Со автомобил „голф“ кој се водел на домот, како што се тврди, само лани во неколку наврати ја преминале државната граница меѓу Македонија и Албанија на граничниот премин Ќафасан, како и македонско-српската граница на Табановце. Користењето на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели е злоупотреба, особено ако не е одобрена.

„Независен“ од извор познат на редакцијата дојде до информација дека автомобилот е искористен во неколку наврати, а за наводните „службени“ патувања низ државите, раководството во најголем дел немало ни повод, ни покритие. Според изворот, во службеното возило, наводно, најчесто е патник пензионер, поранешен правник и секретар на Средношколскиот дом, Менде Петровски.

Нашите извори тврдат дека Елена Спасеновска, инаку кадар на СДСМ, заедно со пензионерот го преминале граничниот премин Ќафасан на 1 јули 2023 година, за по два дена подоцна на 3 јули, пензионерот Петровски да го премине Ќафасан сам со службеното возило. Патувањата продолжиле така што и на 10 септември, директорката, пензионерот и трето лице пак биле на Ќафасан.

Не само во Албанија, се патувало и во Србија во неколку наврати, каде директорката и пензионерот со службеното возило го поминале Табановце со уште две лица. А, сами или со друштво, повторно патувале во Србија и во ноември 2023.

На Фејсбук страната на Домот, каде раководството известува за одржани настани и проекти никаде нема објава од патувањата во Албанија, особено не за оние кои се среде лето кога домот е празен, а децата на летен одмор. Најчесто се известува за настани во државата.   

„Независен“ контактираше телефонски со претседателот на УО на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ Тони Целевски. Домот е под надлежност на Министерството за образование.

Тони Целевски се најде затекнат од прашањата дали патувањата биле за службени или приватни цели? Дали УО дал „амин“ во службениот автомобил да се вози и лице кое не е веќе вработено во Домот, и кои биле целите на патувањата. Целевски како претседател на УО кажа дека службеното возило е „скапана кола“, а плус нема ни зелен картон за да се вози во странство.

„Таа од нас бара дозвола само за Скопје. Ние ќе и потпишеме за Скопје, службено ако оди. Ние ѝ даваме дозвола да оди странство, Србија, ваму таму, ама со нејзината кола, мислам, или со автобус, кој знае, кој ја има прашано“.

Пензионерот Петровски во телефонски разговор кажа дека патувале во соседните држави, ама со приватни коли, останатото го негираше.  

„Независен“ испрати прашања преку слободен пристап за информации од јавен карактер до Средношколскиот дом уште минатата недела. Која била целта на службените патувања во странство, во кој град, кој ги поканил и која им била агендата?

Злоупотребата на службени возила за приватни цели лани беше тема што ја разбранува битолската јавност за која пишуваше „Независен“. МВР поднесе кривична пријава за директорот на битолски „Водовод“, Пеце Милевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, кој со службеното возило патувал во Грција и Косово, без одлука, без дневници и без никаква повратна информација за „служените“ патувања. Во „Водовод“ влезе општински ревизор и утврди дека Управниот, донел одлуки за одобрување на службени патувања во странство, но паушално, не навел кои се целите на служените патувања во странство, а според уредбата требало да има такви податоци. 

Полициската истрага утврди дека директорот на „Водовод“ патувал со лица кои не се вработени во претпријатието, по што поднесе кривична пријава. 

А.Блажевска 

Извор  nezavisen.mk

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани