АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола потпиша Меморандум за соработка со бугарската Академија за национална безбедност од Софија.
Договорот го потпишаа, ректорот на УКЛО Игор Неделковски и претседателот на Академијата, Владимир Бронфенбренер, познат израелски експерт за сајбер безбедност. Експертот од Израел кажа дека има 15-годишно искуство во едукација и обука на студенти и професионалци од безбедносните структури и од други засегнати институции.
Меморандумот ќе овозможи реализација на заеднички комерцијални кратки курсеви по сајбер безбедност со македонски, бугарски и израелски експерти.
Очекувањата се дека програмата за обука ќе биде предизвик за разнородни целни групи слушатели кои треба да бидат составени од наставници и училишни директори и вработени во стручните служби на училиштата, вработени во државни, јавни и приватни институции и компании, во банки, болници, фондови, телекомуникациски компании и други институции.
Инаку, УКЛО, ќе ја понуди својата експертиза преку реномирани академски кадри во три модули: Борба против сајбер насилството врз децата и улогата на училиштето – програма „Сајбер бранители“, Паметно користење на сајбер просторот – безбедни организации и модулот -Сајбер опсег.
Актуелноста на програмата за стручно и професионално усовршување за сајбер безбедност на УКЛО ќе се реализира во духот на современите потреби за зајакнување на сајбер отпорноста и заштита на онлајн интересите на граѓаните, институциите и компаниите.
Во рамки на пригодата што се одржа во Ректоратот на УКЛО, разменети се и други корисни и важни информации со претставници од безбедносни структури и репрезенти од општествениот и политичкиот живот, меѓу кои генералниот конзул на Република Бугарија, Николај Димитров.
А.Б