АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фабриката за опрема и делови својата општествена одговорност денес ја покажа на дело донирајќи влезни врати во Основното училиште „Климент Охридски“ во Битола. Со оваа донација и училиштето, а и околу илјада ученици кои од понеделник таму ќе посетуваат настава, ќе бидат побезбедни.
Директорот на ФОД, Методија Тасевски, рече дека со оваа скромна донација, фабриката изразува поддршка кон училиштето „Климент Охридски“ на почетокот на учебната година, а соработката ќе продолжи и понатаму.
„Ова е со цел ние како општествено одговорна компанија да помогниме во рамките на нашите можности за подобрување на условите во основното и средното образование во Битола. Скромната донација се состои во влезни врати по барање на директорката на ОУ ‘Климент Охридски’, па менаџментот на ФОД и нашите вработени им излеговме во пресред на нивното барање, ги изработивме и ги монтиравме вратите се со цел да се зголеми безбедноста на децата кои учат во ова училиште“, изјави Тасевски.
(Средба меѓу директорот на ФОД, Методија Тасевски и директорката на ОУ „Климент Охридски“ на која беше договорена понатамошна соработка)
Тој најави дека во следниот период ФОД ќе отпочне со работа на нов проект во соработка со ОУ „Климент Охридски“, но детали ќе обелодени пред почетокот на активностите.
„Училиштата се наоѓаат во една тешка состојба наследена од минатиот период и ние сите имаме обврска да помагаме да се подобрат условите каде што учат нашите деца, но и да помогнеме да се нормализира процесот на настава. За неколку дена почнува учебната година и токму затоа ја интензивиравме работата за да може навреме донацијата да стигне до училиштето“, додаде Тасевски.
Директорката на школото, Гордана Анастасова, исткна дека со вратите од ФОД, промената на дограмата во училниците и кабинетите, што пак е јапонска донација и бојадисувањето на просториите в понеделник подготвено ќе дочекаат 995 ученици.
(Училиштето брои најмногу ученици во Битола, дури 995)
„Оваа донација од ФОД е од големо значење за училиштето бидејќи имавме претходни укажувања дека треба да имаме влезни врати во училиштето за поголема безбедност на учениците, а исто така и за заштита и безбедбност на училиштето. По барањето што го испративме во ФОД тие ни излегоа во пресрет и денес се монтираа тие врати, па децата ќе бидат побезбедни и посигурни во училишниот двор“, рече директорката.
(вратите момтирани пред стартот на учебната година од страна на вработени во ФОД)