2win800x200

ТРЕТО НАСТАВНО ТРИМЕСЕЧИЕ (пишува Александар Адамовски)

Април 01, 2024

ТРЕТО НАСТАВНО ТРИМЕСЕЧИЕ

Една моја, повеќе пати повторувана фраза, гласи: ученик кој си учи, си учи и успешни резултати ќе има. На почетокот сме, пред третото тримесечие кога учениците треба да добијат оценка за изминатиов период од почетокот на второто полугодие. Период, исполнет со многу активности, како училиштни, така и вонучилиштни... Тие се одраз на интересот, волјата, и секако, желбата на учениците да постигнат некаков резултат.

Континуирано учење, или само учење пред оценка?

Најголемиот број на ученици учат, меѓутоа само кога треба да прават тест, или пред испрашување, односно, кога треба да добијат оценка. Но, исто така, не смее да се отфрли фактот дека има ретки ученици кои редовно и континуирано работат, учат. Како до резултат и успех? Можеби е малку дилемично, но секако дека континуираното учење и разбирање, како и редовната консултација со наставникот, донесува успех и резултат. Тоа е несомнено. Од друга страна, интелигенцијата на некои ученици дозволува да паметат и да повторуваат само пред испрашување за оценка. Не постои строга граница како на училиште да се биде меѓу најдобрите. Дарбата во самото дете (која се носи од мали нозе), си го прави своето, така што би ги оправдал и двата начини на учење пред оценување, барем во денешни услови. Но, со една работа не би можел да се согласам и никако да ја оправдам, а таа е: нечитањето (лектира, роман, и сл.). Таа убава белетристичка литература не само што ја збогатува мислата, ами го прави покултурен и речникот на изразување. Тука, ќе додадам: ако детето од мало, не стекне навика за читање, во погорните одделенија и класови, не барај од него да биде посветено на читање (можеби, ќе се случи некоја неочекувана промена, но тешко, во денешни образовни услови и во време на напредна технологија). Интернетот пласира готов производ, а го потиснува читањето. Во минатото, желбата за нечитање, не беше толку изразена. Тоа беше друго време. Значи, желбата за учење, треба да произлезе од самиот себе си, од својот внатрешен порив да се набљудува, да се истражува, да се биде љубопитен, да се доаѓа до сознанија, односно да се сака и почитува пишуваниот збор. Доколку, тоа се постигне, ние ќе имаме многу повеќе напредни ученици со висок квалитет на знаења и вештини, кои ќе прераснат и ќе се изградат во вистински професионалци во иднина, искалени со својот  труд и занает на секој пазар. Исто така, тоа треба да допринесе меѓународните тестирања за квалитетот на знаењата кај учениците, да го подигнат нивниот степен на писменост, на завидно рамниште. Не ја занемарувам напредната технологија, напротив, таа може да биде од голема корист. Таа е светот на дланка! Посакувам, книгите да бидат што повеќе во рацете на учениците и кај младите читатели. Оценката е формална бројка, не треба толку да засегнува дали од неа ќе зависел нечиј успех, или некаков упис, или слично. Не се учи за оценка, ами за квалитетно стекнато знаење. Секој ученик, треба да биде свесен кон што води неучењето, наспрема учењето. Има разлика, па останува секој да го определи својот образовен пат. Нели, секој може!

 

Наставникот ја оформува и заокружува оценката на ученикот

Најзаслужен и најмеродавен во следењето и оценувањето на ученикот е неговиот наставник. Никој не смее и не треба да се меша во работата и во одлуките на наставникот. Тој е искусен стручњак во својата област и може најреално и најдоследно да даде опис за својот ученик. Незадоволства имало секогаш и ги има. Но, постојат начини, како да се надминат недоразбирањата дали ученикот заслужил, или не заслужил таква и таква оценка. Обично, тука се реагира, исклучиво само за оценки. Во наставничкото портфолио, постои еден посебен дел, во кој се води и ученичкото портфолио (сите активности и заслуги на учениците во текот на школската година), нормално и сугестиите на претпоставениот, со што би се оформил еден постигнат резултат на ученикот. Фактите треба да се прифатат такви,  какви што реално постојат. Никогаш не е доцна, да се биде подобар и понапреден. Потребни се: волја и ентузијазам и секој следен чекор е можен. Верувам дека секој ученик може да биде успешен (колку-толку). Не постои таков човек, во кој не се крие по некој дар од Бог. Затоа, драги ученици, користете го и давајте го максимумот од вас, тоа го можете и умеете. И најважното, бидете задоволни со тоа колку покажувате, за да постигнете. Никој, на ваше место не може да учи, како вие самите. Треба многу посериозно да се сфати она што се учи (да се учи, се разбира) и што од тоа се очекува. Велат: „што ќе засадиш – тоа ќе никне“, па така и на школо, ако не се описмени ученикот од најмала возраст, тоа ќе му остане траен белег за целиот живот. Ќе завршам со англискиот поет Бајрон: „Не се плаши од незнаењето, туку од лажното знаење – од него доаѓа целата несреќа во светот. „Оној кој знае, се докажува, оној кој не знае, тактизира“.

На сите ученици, им посакувам успешни резултати на третото тримесечие, кое веќе го отвора правецот и кон годишното оформување на крајните резултати. Не се борете дали ќе имате една или две четворки, или не знам, една тројка меѓу сите петки! Вашата крајна цел и борба, нека биде максимумот, даден од срце! Така наставникот ќе има многу подруга слика за вас како ученици. Обидете се, не е тешко!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик  литература и француски јазик

 

 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани