АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Вчера во просториите на КИЦ Битола се одржа настанот „Ткаење нишки на вклучување низ таписеријата на уметноста и културата“ во организација на општина Битола и Сумнал.
Во преполнетата сала говор одржа м-р Фатма Бајрам Аземовска, претседателката на „Сумнал“ во кој истакна дека новите генерации Роми со силна мотивација и желба го прифатија предизвикот да бидат носители на прогресот, на промените.
-Денес ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество. Денешното време нè потсетува дека Ромите се неодделен дел од нашето општество и дека треба да бидат вреднувани. Во светлината на денешниот ден треба да продолжиме со нашата ангажираност и поддршка кон инклузијата, образованието и можностите за работа за Ромите. Имено, сите ние како членови на општеството имаме одговорност да ги поддржиме правата и достоинството на Ромите. Соединети во борбата за социјална справедливост и еднакви можности, имаме можност да создадеме подобра заедница за сите. Затоа, денешниот ден не е само за прославување, туку и за ангажирање и акција. Нека биде наша обврска, но и обврска на самите Роми, да продолжиме со поддршка и заштита на правата на Ромите и да работиме за изградба на инклузивно и праведно општество за сите, рече Бајрам Аземовска.
Настанот помина со музички изведби и модна ревија. На почетокот следеше настап на ученици од Државно музичко училиште – Битола, априсутните ужибваа и во модната ревија на учениците од текстилната струка – техничар за дизајн на облека од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Моделите ги носеа учениците и студентите од ООУ„Даме Груев“, ООУ „Ѓорги Сугарев“, СОУ „Таки Даскало“, СОУ „Јане Сандански“ и Бизнис академија Смилевски – Битола, под менторство на професорките Живка Танушева Ицаноска и Ема Ќука. Ревијата беше збогатена и со модели од модниот дизајнер Муамед Маликовски Маликовски познат по својата креативност, иновативен пристап и ангажман за прослава на ромската култура.
Исто така оперскиот пејач Ернес Ибраимовски беше дел од нашиот настан по повод Меѓународниот ден на Ромите, во пијано придружба на маестро Андреја Наунов (Национална опера и балет - Скопје).