2win800x200

Кривична против ексминистерката Бисера Костадиновска за злоупотреба на службата - Костадиновска за „Фокус“ вели- На ВМРО-ДПМНЕ најлесно им е да удрат по жена, ќе се видиме на суд

Октомври 31, 2024
фото Плус инфо фото Плус инфо

Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Единица за финансиски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 4 во врска со став 1 од КЗ против Б.К.С. од Битола, како поранешен министер во Министерството за култура.

„Пријавената Б.К.С., во својство на службено лице – избран министер во Владата на РСМ за Министерството за култура, на 19.02.2024 ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност, на начин што по донесена Одлука од Советот на Град Скопје и Заклучок од Владата на РСМ за пренесување на правото за реконструкција, доградба и надградба на постојниот објект Универзална сала во Скопје, како и по склучен Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Град Скопје како сопственик и Министерството за култура како нов инвеститор. И покрај тоа што Министерството било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од 115.173.789 денари, согласно кој Министерството наводно ги преземало истите права, обврски и вредност од претходно склучениот договор помеѓу Град Скопје и истото тоа правно лице, иако знаела и била свесна дека претходно склучениот Договор за јавна набавка помеѓу Град Скопје како договорен орган и правното лице како носител на набавката за реконструкција на објектот на 04.09.2023 година бил со истечен рок за изведба на работите“, информираше МВР.

Од страна на договорниот орган Град Скопје, наведено е во соопштението, на Електронскиот систем за јавни набавки – ЕСЈН на 18.09.2023 година било прикачено и Известување за реализиран договор и предметот кај договорниот орган Град Скопје бил архивиран како завршен и како таков договорот не претставува правен валиден акт кој може да биде преземен, врз основа на кој нов договор по доставени две времени ситуации од страна на изведувачот за изведени работи, истата на правното лице му исплатила вкупен износ од 27.197.845 денари, со што му овозможила на правното лице од Скопје како изведувач на работите да се стекне со противправна имотна корист во наведениот износ.

После поднесената пријава, медиумот „Фокус“ ја контактираше Костадиновска, за да каже свој став за денешните случувања. 

„Слободно можат од Обвинителство да ги земат сите документи и се да проверат. Знам дека ова е тенденциозно против мене и немам никаков проблем, ќе се видиме на суд. Уште од самиот почеток тие се фокусираа на мене и измислуваа секакви сметки и трошоци, но кога на министерот за култура му ги побарав преку информации од јавен карактер не ми ги даде. Зошто? Затоа што се тоа што го објавија не е точно. Битно беше да ми закачат кривична. На жена е најлесно да удрат. Зошто не поднесат кривична пријава на некој маж“, истакна Костадиновска во изјава за „Фокус“.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани