АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Елена Спасеновска директорка на Средношколскиот дом ДУД „Мирка Гинова“ во Битола денеска си поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Дознаваме повод за оставката биле „здравствени причини“, според нејзиното образложение напишано во дописот.
АПЛА од свои извори дознава дека во Средношколскиот дом денеска заседава Управниот одбор кој од пред два месеца е во нов состав. Дознаваме дека Спасеновска во последните месеци, од крајот на летото досега е на боледување, кое ќе продолжи и во првите недели од месец декември.
Битолската полиција на почетокот на јули годинава поднесе кривична пријава против Спасеновска, како актуелна директорка на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ Битола за злоупотреба на службената положба и оштетување на Буџетот на МОН, истрага која започна по новинарските пишувања на дописникот на „Независен“ од Битола.
Како што е познато- СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против 57-годишната Спасеновска, поради основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик, извести МВР.
„Пријавената во својство на одговорно лице, директор на Државен ученички дом во Битола ја злоупотребила својата службена положба и овластување и вршела несовесно работење во службата при што во повеќе наврати заедно со поранешниот секретар на домот ја напуштале државата со приватно возило, а во налозите за користење на службеното возило била евидентирана дека е на работа или на службено патување во државата, потоа реализирала повеќе службени патувања во странство со службеното возило заедно со лица кои не биле вработени во Домот, без одлуки од Управен одбор за нивно одобрување“, соопштија од МВР.
Истрагата за Спасеновска и пензионираниот секретар во Средношколскиот дом во Битола, Менде Петровски, започна откако „Независен“ и „АПЛА.мк“ во февруари годинава го објави истражувањето за нивните службени патувања во странство. Потоа „Независен“ и „АПЛА.мк“ пишуваа и за ангажирањето и исплатите на пензионерот, објавувајќи информации од порталот „Отворени Финансии“ при Министерството за финансии.
„Пријавената, исто така, на поранешниот секретар свесно и намерно не му го одобрила барањето за одмор, со образложение за неопходна потреба од негово присуство за извршување на работните обврски како секретар во домот, носејќи Решение за исплата на надомест за неискористени денови од одморот или вкупно 51 работен ден во износ од 103.989 денари, иако секретарот во тој временски период немал редовно присуство на работа, туку често бил отсутен и надвор од државата во работно време заедно со пријавената“, стои во извештајот на МВР.
Истражителите во Одделот за Економски криминал при СВР Битола со месеци работеа професионално на истрагата „чешлајќи“ го финансиското работење на Спасеновска, дел по дел, година по година, со оглед на тоа што таа на позицијата директор е назначена пред повеќе од 6 години, како кадар на СДСМ.
„Покрај ова, пријавената во четири наврати, и тоа на 20.07.2022, 15.09.2022, 05.10.2022 и од 20.10.2022 до 22.10.2022 година, иако знаела дека секретарот е веќе во пензија, му исплатила дневници за службени патувања во државата и му овозможила да користи службена претплата за мобилен телефон за периодот од јули 2022 до октомври 2023 година, додека за периодот од 01 до 30.11.2022 година му исплаќала пари по основ на договор за дело за вршење на општи и нормативно правни работи и договор за консултантски услуги, а покрај овие имала и други активни договори на дело, со што постапила спротивно на чл. 8 и чл. 9 од Законот за трансформација во редовен работен однос“, стои во кривичната пријава.
Понатаму во кривичната стои дека директорката со цел оправдување на сите горенаведени дејствија преземени од страна на пријавената, таа вршела изменување, дополнување и изготвување на фиктивни одлуки и записници. Исто така, таа како одговорно лице на ученичкиот дом во 2022 склучила договор на дело за вршење на сметководствени услуги со правно лице од Битола во износ од 180.000 денари, без претходно спроведена постапка за јавна набавка и во 2023 година продолжила да исплаќа пари за извршените книговодствени услуги на истото правно лице, врз основа на непотпишан договор, кој бил само архивски заведен. Пријавената ја злоупотребила својата службена положба така што одобрувала и исплаќала пари кон правно лице од Битола врз основа на фактури за набавка на компјутерска опрема и услуги кои реално не биле испорачани и извршени.
„Со наредба на пријавената, пак, до Министерството за образование и наука се испраќале невистинити списоци за ученици вселени во домот со цел префрлање на поголем износ на пари од ресорното министерство по основ на партиципација, со што го оштетила Буџетот на МОН за износ од 202.500 денари“, се наведува во соопштението на МВР.
„Независен“ во изминатиот период, објави низа на текстови за Средношколскиот дом во Битола и за инцидентите во кои Спасеновска во еден случај физички нападна вработена, по што интервенираше полиција. Последниот извештај беше од Трудовата инспекција која констатира дека директорката понижувала, вознемирувала и ментално и физички малтретирала вработени на работно место. Трудовата инспекција од Битола целиот предмет, заради тежината на обвинувањата кои влегуваат во доменот на кривично дело, го предаде до Основното јавно обвинителство во Битола да постапува.