АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Прваиот академски час за студентите кои се запишаа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ симболично се одржа на Техничкиот факултет во Битола, со што е означен почетокот на новата студиска година. Новата генерација студенти ја поздрави ректорот проф.др. Сашо Коруновски, кои рече дека сегашните бруцоши го направиле вистинскиот избор со запишувањето на еден од факултете во состав на овој Универзитет, кој следната година слави 40 години постоење.
„Иако Универзитетот постои речиси четири децении, поголемиот дел од факултетите се многу постари, како Техничкиот факултет кој постои шест децении. Ова е една од најпрестижните единици со студетски програми кои што ги сервисираат потребите не само на Република Македонија, туку и пошироко во регионот и во Европа. Бројни стручњаци имаат пофални зборови за кадрите кои како студенти излегуваат од овој факултет, но и за професорите кои овде предаваат“, рече ректорот Коруновски.
Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, ги поздрави студентите на Техничкиот факултет каде што ќе се образуваат идните инженери кои што треба да ја доближат земјата до современото технолошко општество.
„Ги имаме сите предуслови за примена на европските стандарди во високото образование, Битола е прекрасен град каде што Унивезитетот тоа со децении го работи. Се знае патот во високото образование, многу повеќе проекти, многу повеќе работа, но и студентите и нивната мобилност се од исклучително значење. Ќе треба да комуницираат со европскиот простор, се бара се повеќе пракса во високото образование и мислам дека имаме и ресурси и сили тоа да го постигнеме“, посочи заменик министерот Петар Атанасов
На студентите на битолскиот Универзитет успех на првиот академски час им посака и градоначалничката Наташа Петровска
-Нема ништо позначајно од тоа во младешките години да вградите знаење кое што ќе ве подготви да се исправите во животот со сите предизвици и да придонесете во општествената заедница, им порача на студентите градоначалничката Наташа Петровска.
На свечениот академски час му беше доделена благодарница на директорот на АД ЕЛЕМ Подружните „РЕК Битола“, Васко Ковачевски, за доделените 15 стипендии за студентите на Техничкиот факултет, како и за поддршката која овој комбинат им ја дава на веќе дипломираните студенти, преку вработување на инженерскиот кадар.
Академската година на универзитетите во земјава почнува со нов Закон за високо образование, кој беше изгласан во мај. Меѓу новините што ги донесе Законот е и новиот датум на почетокот на студиската година, наместо на 15 септември е на 1 октомври, како што почнуваше до пред десетина години.