АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Мерната станица Битола 2 утрово покажува висока загаденост на воздухот во градот со опасните ПМ 2,5 честички. Мирисот на чад и сулфур особено беше впечатлив синоќа и во утринските часови.
Битолските еколозите не се оптимисти дека Битола оваа зима ќе дише почист воздух.
Душко Груевски, активист од „Здружението за нас се работи“ вели дека, и оваа грејна сезона е загубена поради влажноста на огревното дрво кое се гори по домовите и неисчистените оџаци.
– Сите ние користиме несоодветно третирано огревно дрво, влажно, а треба да биде барем една година отседнато и чувано на суво место. Значи и јас лично ќе загадувам оваа зима бидејќи дрвата, иако ги нарачав пред една година, сега ми стасаа и тоа влажни. Второ, прашувам чиј оџак е исчистен и подготвен за правилно согорување? Секаде на Запад има во општините регистар на оџаци и задолжително чистење, кај нас ништо од тоа – реагира Груевски.
Вината за енормното загадување на воздухот во Битола, особено во зима, Груевски ја гледа и кај државните институции кои секоја година придонесуваат за се поголемо загадување со загревањето на мазут.
– За каква одговорност зборуваме кога буквално сите институции, значи болницата, општинската зграда, зградите на судот, па и сите училишта во градот се греат на мазут. И тоа, за ова сезона, е завршена работа, мазутот е набавен и нема друго чаре – вели Груевски.
Според него, генерално нема спас оваа година од загадувањето освен да се активираат инспекциските служби и да не се дозволи да останат без контрола индивидуалните ложишта кои се греат на отпадоци, штици, иверици, механичарските работилници кои се греат на прегорено масло, и такви драстични случаи кои допринесуваат за високи вредности на ПМ 10 честички во воздухот над Битола.