АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битола го одбележа 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, кога во 1945 година нацистичка Германија ја потпиша капитулацијата во Втората светска војна.
По тој повод делегација на Сојузот на борците од Битола, градоначланичката Наташа Петровска, претставници од Советот на Општина Битола и на политичката партија СДСМ, положија цвеќе пред споменикот на НОАВ на плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола.
- Голем дел од населението за време на Втората светска војна се вклучи во Народноослободителното и антифашистичко движење. Шест месеци пред капитулацијата на Германија, Македонија веќе беше ослободенена, а по 1945 година корупус од 18 илјади борци учествуваше и на Сремскиот фронт каде имавме голем придонес во борбата против фашизмот и во капитулацијата на Германија. Втората светстка војна одзеде 50 милиони човечки животи, а ранети беа 35 милиони, од кои голем дел останаа инвалиди. Беа уништени илјадници километри патишта, железнички пруги и се друго што човекот со години го градел за свои потреби. Затоа е важно да се чува мирот, рече Александар Трајковски, претседател на ОО на Сојузот на борци Битола.
На денешен ден да им одадеме почит на сите паднати борци кои што се бореа против фашизмот и на тој начин да покажеме дека не заборавме за она што го направија, за влогот на нивните животи за нашата сегашност, рече градоначалничката Наташа Петровска.
-Kонечно да престанеме со говорот на омраза, затоа што тоа е далеку од она што значи здрав разум, од она што значи човечност и од она што значи можност младите генерации да запловат во водите на напредокот, прогрес на човештвото и воспитување на истите за да не се повтори тоа зло кое што се случи во минатото“, рече Петровска.
На 9 мај 1945 година со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50 милиони животи. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.
Во борбите против фашистичките окупатори, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.
Одбележан и Денот на Европа
Истот така, денес се одбележува и Денот на Европа како почеток на создавањто на Европската унија пред 69 години
По тој повод на плоштадот Магнолија во организација на Општина Битола, ЕУ инфо точката и Делегацијата на ЕУ се одржа традиционалната манифестација посветена на еден од најзначајните датуми во Европа.
На поставените штандови, 12 основни училишта од градот ја прикажаа традицијата на дел од земјите членки на ЕУ, со нивните најзначајни карактеристики. Беа претставени Словенија, Романија, Пртугалија, Франција, Шведска, Италија, Бугарија, Хрватска, Германија, Шпанија, Грција и Австрија.
„Би рекла дека денес, на овој плоштад ја имаме Европската Унија во мало, онаму, каде што и ние припаѓаме, онаму каде што и ние се стремиме. Благодарност до сите основни училишта, до нивната креативност, во која што денес уживаа сите посетители“, рече градоначалчничката Наташа Петровска.
На манифестацијата, на која покрај градоначалничката присуствуваа и советниците во Советот на Општина Битола, директорите на училиштата, настаници, ученици и случајни минувачи, се обрати советникот Методија Илиевски, испраќајќи порака дека ние сме нераскинлив дел од Европа. Во музичкиот дел настапија хорот „Ѕвончиња“ и музичката група „Чупињата“.