АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, ги потпиша указите на Законот за социјална заштита, на Законот за социјална сигурност за старите лица и на Законот за изменување и дополнување на законот за заштита на децата.
Имплементацијата на трите закони е од суштински интерес за граѓаните на Република Македонија, особено за најранливите категории граѓани, а во функција на обезбедување на социјална правда и сигурност.
„Со законот за социјална заштита се подобруваат социјалните услуги што се испорачуваат до крајните корисници и ефективноста и ефикасноста на паричните давања во насока на обезбедување на поголема еднаквост во општеството. Со Законот се унапредуваат правата и се овозможуваат подобри услови за лицата со попреченост. Додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува и изнесува до 50% од просечната нето плата. Со законот се врши усогласување на националното со европското законодавство.
Со Законот за социјална сигурност за старите лица се зголемува ефективноста на паричните давања за оваа категорија на граѓани и намалување на процентот на сиромаштијата кај старите лица над 65 годишна возраст.
Со измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, се зголемува пристапот до правото на детски додаток за деца од домаќинства и семејства со ниски примања и на приматели на гарантирана минимална помош. Се воведува право на додаток за образование, за деца од училишна возраст од семејства со ниски примања и за деца на корисници на гарантирана минимална помош. Мерките се во функција на намалување на детската сиромаштија. Детскиот додаток наместо како досега 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, додека образовниот додаток наместо 3.800 деца, ќе го користат 64.316 деца“, соопштуваат од кабинетот на претседателот Пендаровски.