АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со меѓународна донација која ја иницираше професорката Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, почна реконструкцијата на санитарните јазли во Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола. Со училишен проект средношколката Медисон Ристевски од Волонгог, Австралија, која има македонско потекло, анимираше голем број луѓе од целиот свет и нашата дијаспора да донираат и да помогнат за подобрувње на условите во ова средно училиште.
За три месеци преку GoFundMe се собрани 27 илјади долари од потребните 32 илјади, а донираат хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипини, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД.
Првите контакти за реализација на овој проект ги направи Петковска -Микаровска, позната како Класнето, која испратила писмо за помош до повеќе меѓународни институции, по што бил воспоставен контакт со Медисон. Потоа средношколката започнала со реализација на идејата да се направи светот подобро место за живеење и да се помогне онаму каде нема поволни услови. Нејзиното животно мото, вели е колку повеќе даваш, толку повеќе добиваш.
Се одлучила за овој училишен проект откако при посета на татковината ја видела катастрофалната состојба во Средното медицинско училиште. Благодарение на оваа млада девојка и иницијативата за донација на пари од целиот свет, во СОУ „Д-р Јован Калаузи“ ќе бидат обновени тоалетите на двата спрата, како и делумна реконструкција на тоалетите на еден спрат. Со овие активности комплетно ќе биде променета дограмата, плочките, санитаријата во тоалетите, а исто така ќе се реконструира и фасадата на Медицинското училиште во делот каде се санитарните јазли.
Паралелно, се работи и на инфраструктурни зафати за партерно уредување на надворешниот дел, кој ќе овозможи подобар пристап до училиштето.
Оваа донација е одобрена од Советот на Општина Битола и се одвива во соработка со локалната самоуправа, а за одредени работи ќе бидат вклучени и јавните претпријатија.
Сите активности се спроведуваат преку таткото на Медисон, Џим Ристевски, кој ја обезбедил проектната документација, а исто така, тој ќе ги насочува и донираните средства.
За катастрофалната сосотојба во Средното медицинско училиште јавноста беше запозната во јануари 2018 година, кога новото раководство ги отвори вратите и дозволи медиумите да влезат и да фотографираат во објектот. Потоа, со поддршка на родителите, учениците, и со спознорства на одредени фирми се санираа делови од училиштето, а сега активностите продолжуваат со поддршка на нашинци од Австралија.