Практичното (дуално) образование е одличен начин младите уште во текот на средното образование да се насочат кон професии коишто се барани од компаниите, но и да дознаат што значи работа во реални услови. На овој начин се обезбедува поголема вработливост на младите коишто го завршиле стручното образование, со што ваквото образование станува попривлечно.
За таа цел, како резултат на долгогодишното социјално партнерство со една од најреномираните фармацевтски компании на овие простори, ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола, на ден 15. 03. 2022 година, потпиша договор за соработка со „ЕУРОФАРМ“ за две дуални паралелки фармацевтски техничари, за учебната 2022/2023 година.
Концептот на дуално образование, кој се спроведува во партнерство на училиштата со локални компании и кој подразбира, освен изучување теорија, повеќе практична настава за учениците директно на работно место, овозможува стекнување на квалитетни и потребни вештини за обезбедување на соодветен работен ангажман веднаш по завршувањето на средното образование, но и добра основа за понатамошна високообразовна надградба.
Како дополнителна стимулација за идните средношколци да го изберат стручното образование, покрај воведувањето на концептот на дуално образование кој е доста интересен за младите, е и стипендирање на средношколците. Имено, за учениците коишто ќе се запишат во дуални паралелки Министерството за образование и наука предвидува можност учениците да аплицираат за стекнување право на стипендија.