АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Нема затворени угостителски објекти при синоќешните контроли на МВР, УЈП и Државниот пазарен инспекторат низ угостителските локали во Битола, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Била спроведена контрола во повеќе локални, но не биле констатирани посериозни прекршоци. При спроведувањето на акциската контрола не е констатирано нарушување на јавниот ред и мир.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, на денешната прес конференција соопшти дека контроли биле извршени и во Прилеп, Велес, Тетово и Гостивар врз основа на претходно добиени оперативни сознанија дека во голем број угостителски објекти не се почитуваат законските прописи во поглед на функционирањето на правните субјекти,незаконски престој на лица во Република Македонија, користење наркотици и слично. Воедно била спроведена и зајакната контрола во врска со управувањето на возила од граѓани под дејство на алкохол.
„Контролите почнаа во 22 часот во Прилеп и продолжија до рано изутрина во Велес, Тетово и Гостивар. На подрачјето на СВР Тетово односно градовите Тетово и Гостивар, контролирани се 31 објект. При извршените контроли, на 19 објекти од страна на Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат изречени се мерки забрана за вршење на дејност во траење од 15, односно 30 дена за непочитување на законските прописи согласно Законот за регистрирано готовинско плаќање (неиздавање на фискална сметка или непоседување на фискален апарат) и Законот за угостителска дејност (физичко лице кое врши угостителска дејност без да се регистрира во регистар).За време на спроведувањето на акциската контрола приведени се вкупно 26 лица, од кои 16 македонски државјани (поради поседување на наркотична дрога и непоседување на документи за лична идентификација) и десет странски државјанки (девет државјанки на Република Србија и една на Република Црна Гора) поради злоупотреба на туристички престој во РепубликаМакедонија и нерегулиран престој во Република Македонија. Против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, рече Велковски.
Од извршениот преглед на лица- гости во објектите кај повеќе лица биле пронајдени паковки со прашкаста материја. Тие се приведени во ПС Тетово и ПС Гостивар.
„Поради сторени прекршоци од Законот за приватно обезбедување на две лица македонски државјани им се издадени записници за констатиран прекршок и изготвени се прекршочни платни налози согласно Законот за приватно обезбедување“, рече Велковски.
Тој додаде дека од страна на СВР Велес, во градовите Велес, Кавадарци и Неготино, била спроведена и зајакната акциска контрола во врска со управувањето на возило од граѓани под дејство на алкохол, при што алкотестирани биле вкупно 232 возачи и притоа кај 29 возачи било утврдено присуство на алкохол.Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции ќе продолжи со ваквите контроли и во наредниот период.