АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Книгата „Цивилното население во Битолско за време на Првата светска војна“ чиј автор е д-р Мери Стојанова, денеска беше промовирана во битолскиот Завод и Музеј. Во книгата се содржани податоци од истражувања од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век, како и авторски истражувања на Стојанова во Битолско, Преспа и Струмичко.
– Една од причините за избраната тема е тоа што можеби за првпат е направено едно поголемо истражување за секојдневното живеење на цивилното население во Битола и Битолско, за разлика од тоа што оваа тема била третирана многу повеќе од историски и политички аспект во изминатте 100 години по завршувањето на Првта светска војна. Во оваа книга влегуваат податоци од истражувања што ги правеле мои колеги во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век, но и мои истражувања на територијата на Битолско, Преспа и Струмичко, а тие зборуваат за сите социјални и општествени промени кои се случувале во секојдневното живеење, промена на народните носии, промена на социјалните односи во рамки на семејството, преселби и враќања во родните села што биле долж линијата на фронтот и други податоци кои имаат одраз и влијание и ден денес, рече авторката д-р Мери Стојанова.
Промоторот Љупчо Ристески од Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ-Скопје, порача дека институциите треба да го истражуваат секој временски период низ призмата на животните приказни од секојдневието на луѓето.
– Ова дело е значајно за јавноста бидејќи претставува една од ретките етнолошки и антрополошки студии кои се однесуваат на проблематика од периодот на Првата светска војна. За жал, во нашата држава долго време не постоеја студии, а можеби и кадри кои би се занимавале со ваква проблематика, а и тие што постоеја сметаа дека темата не е со приоритет затоа што долг период во македонската историографија. Првата светска војна беше несоодветно третирана. Ваквиот приод остави простор да се манипулира со прашањата, а животните приказни останаа да се третираат како недоволно валиден извор за информирање и отсликување на животот на населението во тоа време, рече Ристески.
За рецензентот д-р Александар Литовски, книгата на д-р Мери Стојанова „Цивилното население во Битолско за време на Првата светска војна“ е значајнаи од историографски апскет,
- Првата светска војна е еден од клучните настани во таа делба и черечење на Македонија и од тој аспек е многу значајно што Мери Стојанова и антрополозите се зафаќаат на еден почовечки начин, а не оној политички, да укажат за тие делби и поделби на Македонците во страшно лоши и ужасни времиња како што е Првата светска војна. Во таа смисла е многу добро што Битола, каде минуваше фронтот во Првата светска војна, има еден истражувач како Мери, рече Литовски.
Е.М.