АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Tрки со автомобили и мотори на поголемите сообраќајници во Битола, во доцните вечерни часови, со години ги вознемируваат битолчани. Граѓаните кои не можат да спијат навечер од силанта бучава и чкрипењето на гумите, тврдат дека оваа појава е особено честа во летниот период и за време на викендите.
Покрај вревата што ја создаваат, тркачите се и сериозна закана за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Трки има на улиците „Партизанска“, „Васко Карангелевски“, „Булевар 1 Мај“, а се жалат и жителите во населбата во битолската Касарна, каде велат немаат мир ноќе од дивите трки на новоизградената улица во овој дел од градот.
-Тоа е ужас. Трките започнуваат обично пред полноќ и цела ноќ слушаме јачење на колите и моторите, чкрипење на гумите, свирежи со сирените. Полицијата треба да преземе сериозни мерки и потребни се контроли на сообраќајната полиција. Да се присутни на овие големи улици, возачите да ги гледаат, вели жител од улицата „Пртизанска“ во Битола.
-Да дојдете овде околу полноќ, да видите дека овде се вози лудо. По цели ноќи сон немаме. И после ќе имаме жртви, рече граѓанката од новата населба во Касарната.
Од мото клубот „Конзули“ велат дека позната им е оваа појава на диви трки во ноќните часови низ Битолa.
-Тоа постои одамана, а и сега, но разликата е што денешните моротри се многу силни и брзи. Апелирам полицијата и органите да го спречат ова на некој начин. Треба да се направи и една акција со која ќе се прегледа возилото и ќе се испита бучавоста и оштетеноста на пригушните уреди, затоа што намерно се оштетуваат за да бидат бучни моторите. Треба да се придржуваме кон правилата и прописите, затоа што се измислени да ги штитат сите учесници во сообраќајот, вели Томе Спировски , член на мото клубот „Конзули“, моторџија со 47 годишно искуство.
Од општинскиот совет за безбедност во сообраќајот апелираат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, но, и велат потребна е поголема контрола од сообраќајната полиција
-Сведоци сме на голем број сообраќајни незгоди кои што се со фатални последици кои што не смееме да ги занемариме, туку треба да се намалат со превентивни и репресивни мерки. Навистина се претерува во цела оваа состојба, се жалат и граѓаните, се жалат и возачите и пешаците. Токму затоа потребна е и поголема контрола од полициските службеници доколку имаат кадровски можности, но и сите учесници во сообраќајот треба да внимаваат на себе си заради нивна сигурност, вели Верица Данчевска, претседател на општинскиот совет за безбедност во сообраќјот на патиштата.
Од битолската полиција велат дека имаат редовни сообраќајни контроли, а во текот на летниот период има и превентивна кампања за воспоставување систем за сообраќајно воспитување. Според податоците од СВР Битола, бројот на сообраќајни несреќ и заклучно со јули годинава е помал во однос на истиот период лани, но бројот на жртви во истите е трипати поголем. Во првите седум месеци од 2017 имало вкупно 164 сообраќајни несреќи, а лани 200. Во овие несреќи имало 6 жртви, за разлика од истиот период лани, кога имало 2 жртви. Со тешки телесни повреди се здобиле 25 лица, а со полесни минале 98 лица. Најчести причини се брзото возење, непочитување на првенство на минување и др.