АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со шест комплетно нови паркови и со дополнителна комунална опрема, хортикултурно уредување и поставување на нови детски реквизити во останатите паркови, започна првата фаза од проектот „Еко офанзива“. На овој начин на граѓаните им е овозможено во непосредна близина на нивните живеалишта, да имаат катчиња за рекреација, одмор и игра на децата.
-Ова е почеток на акцијата која годинава интензивно се реализира, затоа што сиот узурпиран простор кој што го имавме во минатото, кој што беше нефункционален, оваа локална самоуправа е решена да го стави во поинаква функција, во функција на граѓаните. Шесте нови паркови се само почеток, а до крајот на годината ќе завршиме со поинаков изглед на опкружувањето на живеалиштата на нашите граѓани, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Јавното претпријатие „Комуналец“ е реализатор на проектот „Еко офанзива“. Директорот Панде Богоевски посочи дека активностите на терен се одвиваат на различни локации, на територијата на целата општина.
-Како јавно претпријатие извршивме санација на голем дел од постоечките детски паркови во градот, но истовремено се одвоија и нови локации за паркови. Вклучивме и нови содржини, меѓу кои 20-тина детски композиции, а се опремуваат парковите и во руралните средини, како што е паркот во селото Кравари. Тука беше се запуштено, а покрај уредувањето е поставена и нова детска композиција. Имаме соработка и со приватни компании, во случајов имаме донација на канделабри, со што паркот има прекрасен изглед и во вечерните часови. За реализацијата на оваа фаза од проектот се издвоени 3.000.000 денари, рече Богоевски.
„Еко офанзива“ се изведува во рамките на програмата за уредување и обезбедување на нови зелени површини на територијата на Општина Битола, како една од заложбите на градоначалничката Наташа Петровска. Градежната експанзија во општината, паралелно се надополнува и со соодветни зелени места и паркови.