2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Општина Битола сама почнува да ги гради велопатеките откако пропаднаа парите од европскиот проект

Октомври 18, 2024

Општина Битола од сопствениот буџет ќе ги гради велопатеките на улиците „Партизанска“ и „Васко Карангелевски“ откако паради политички надмудрувања пропадна можноста тие да се изградат со средства од европски прекуграничен проект.  Пропаднаа 400 илјади евра пари што Европската делегација ги даваше за ваквата инфраструктура во должина од над 5 километри.

Битолчани, граѓански активисти и организации постојано укажуваа дека сакаат изградба на вело патеки во градот и дека не ги интересира политиката.

Од вчера на улицата „Васко Карангелески“ видливо е присуството на работници од фирмата изведувач кои  започнуваат со мерење на теренот и подготовките за отпочнување на реконструкцијата на пешачките патеките.  

Сега Општина Битола ќе вложи близу пола милон евра за реконструкција на тротоарите во велопатеки од левата и десната страна на булеварот „Партизанска“ како и на една страна на улицата „Васко Карангелевски“ од страната на Педагошкиот факултет во Битола.

Во јавната набавка стои дека  изведувач на работите ќе биде „Јоскатранс Трејд“ - Демир Хисар, а вредностa на склучениот договор со вклучен ДДВ: 30.550.469,00 или 497.000 евра (со вклучен ДДВ). На тендерот се јавиле шест фирми, а заради големата конкуренција цената е намалена за 18 отсто од почетната односно највисоката цена.

Изведувачот се обврзал во рок од 120 работни денови откако ќе биде воведен во работа во целост да ги заврши сите градежни активности и да ги опреми двете улици со нови тротоари кои всушност ќе бидат и површини за возење велосипеди.

Според податоците достапни на сајтот на Бирото за јавни набавки „Јоскатранс Трејд“ од Демир Хисар треба да ги сработи подготвителните работи, работи на долен и горен строј, работи за двете страни (лева и десна) на булеварот „Партизанска“, што изведувач со вклучен ДДВ ќе наплати 425.000 евра. Станува збор за реконструкција на тротоари во должина од околу 4,5 километри на двете страни на булеварот.

На улицата „Васко Карангелевски“ потегот од „Педагошка“ до кружен тек кај „Веро“ ќе бидат изработени работи во вкупна вредност од околу 72.000 евра. Траса долга нешто помалку од 800 метри.

Битола Партизанска 768x354

Градоначалникот Тони Коњановски уште минатата година предупреди дека изградбата на  велоинфраструктурата во Битола е можна  само доколку Советот на Општина Битола, односно мнозинството составено од СДСМ, „Поинаку“, ДУИ  дозволат пренамена на средствата од европскиот проект „Смарт4ју2“ во висина од 400 илјади евра, наместо за реконструкција на објектот „Парк“ (зафат што според пресметките чини многу повеќе, близу 1 милион евра ) да се изгради велоинфраструктура.

Но, мнозинството советници не ги прифатија измените и средствата од проектот „Смарт4ју2“ не беа прифатени за изградба на велопатеки.  

Стравувањата на Коњановски беа дека „Општина Битола може да добие негативна референца од Европската унија за проекти, ќе ја изгубиме довербата како несериозна општина. Парите ќе пропаднат. Затоа апелирам да ги ставиме суетите и да овозможиме со европски средства Битола кончено да добие велопатеки“, апелираше градоначалникот пред истекот на рокот напоменувајќи дека како локална власт сепак не ја отфрлаат можноста да се реконструира и објектот „Парк“ .

Како што  е познато проектот за изградба на велопатеките во Битола закочи во Советот и покрај тоа што Европската делегација во Скопје писмено им одговори на советниците дека нема да ја финансира реконструкцијата на објектот „Парк“. Во известувањето од  Делегацијата испратено до претседателката на Советот, Габриела Илиевска и советниците, меѓу другото стоеше дека проектот за реконструкција на „Парк“ беше модифициран бидејќи општината немаше доволно средства поради поскапувањата на градежните материјали. Во Битола на средба со советниците дојде и доскорешниот амбасадор на Европската унија Дејвид Гир.

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани