АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, извршија увид во градежните работи кои што се во тек, на неколку позначајни улици во градот.
На ул. „Партизанска“, чија реконструкција започна пред само неколку дена, Павлески од страна на градоначалничката и изведувачот на терен, беше информиран за зафатот, кој во должина од 730 метри, ќе се одвива на потегот од кружниот тек до раскрсницата со ул. „Методија Андонов Ченто“. Градоначалничката Петровска посочи дека инвестицијата е во вредност од 581.000 евра, од кои 355.000 евра се директно од буџетот на Општина Битола. Главниот канализационен систем на улицата се прави со средства од Министерството за транспорт и врски, а останатите водоводни и канализациони приклучоци ги изведуваат јавните претријатија „Водовод“ и „Нискоградба“.
Во населбата Долно Оризари, Павлески и Петровска разговараа со локалното население, во улиците кои се веќе асфалтирани. Жителите изразија голема благодарност што за прв пат откако ги изградиле куќите во оваа населба, не газат повеќе на кал, за да стигнат во своите домови. Градоначалничката го информираше заменик министерот дека следува дополнително асфалтирање на нови улици во оваа населба, а досега, со асфалт се покриени околу 3000 метри квадратни.
На ул. „Илинденска“, улица со должина од над 2 километри, градоначалничката Петровска го информираше заменик министерот Павлески за етапното работење по делници на оваа улица, која претставува една од најважните делници за слободен проток на сообраќај во Битола. И на оваа улица свој удел во поставување на канализационата и водоводната мрежа има Министерството за транспорт и врски во вредност од над 25 милиони денари, додека општината со над 33 милиони денари ги изведува приклучоците и целосното реновирање на коловозот.
Петровска посочи дека во тек е целосната реконструкција на ул. „Бранко Радичевиќ“, која што е во финална фаза. Претходно тука беше променета водоводната и канализационата мрежа, а деновиве ќе започне и асфалтирањето. Во повеќе наврати, помали делови од улиците, каде е потешко да се изведе асфалтирањето, поставени се бехатон плочки, се со цел населението да има безбеден и чист пристап до своите домови.
Заменик министерот Павлески истакна дека во моментов во Битола има градежна експанзија, која во секој облик ќе овозможи подобри услови за локалното население, соопштија од општината.