АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 22 јули 1944, кај село Буринец Струшко, на планината Караорман загина Никола ТОДОРОВСКИ-Коле Канински, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.
Роден е на 18 јануари 1914 година во селото Канино, Битолско. По професија правник. Основно и средното образование заврши во Битола. Во октомври 1933 година замина на студии по право во Белград. Тука имаше забележителна улога во прогресивното прокомунистичко студентско движење. Член на КПЈ од 1936 г. По завршувањето на факултетот во 1938 г. се врати во Битола и продолжи со својот политички ангажман. Од 1940 година е член на Месниот комитет на КПЈ-Битола. На битолскиот терен, сред населението е многу популарен. Во септември 1941 г. стана член на првиот Битолски месен воен штаб, што значи дека непосредно раководи со организирањето на партизанската борба во Битолско. Поради својата револуционерна активност во време на окупацијата неколкупати е затворан, а есента 1942 г. се приклучи кон партизанските единици. Во апри 1943 г. стана началник на штабот на Партизанскиот одред „Даме Груев“. По формирањето на Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ на 20 мај 1943 г. тој е негов командант. Подоцна е именуван за политички комесар на Вториот баталјон на Третата оперативна зона, познат и како Битолско-мариовски баталјон на Втората македонска бригада. Избран за делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загина како политички комесар на Првата македонско-косовска народноослободителна бригада, во несреќен случај при испробувањето на минофрлач.