Штедните влогови во Еуростандард банка до 30 илјади евра ќе се исплаќаат во рок од 20 дена, информираат од Народна банка

Август 13, 2020

Откако  Народната банка во текот на вчерашниот ден ја укина дозволата за основање и работење на Еуростандард банка граѓаните загрижени за нивните средства, денеска  побрзаа во  експозитурите на банката, каде што наидоа на затворени врати. 

Од Народна банка излегоа со соопштение во кое има важни информации за сите физички и правни лица коишто ги користеле услугите на Еуростандард банка

.

ИНФОРМАЦИИ ЗА ФИЗИЧКИТЕ ЛИЦА

  • Од причина што на „Еуростандард банка“ АД Скопје ѝ е укината дозволата за основање и работење и е исклучена од платниот промет во земјата и странство, нема да бидете во можност да ја користите вашата трансакциска сметка во Банката. 

  • Ако покрај трансакциската сметка во „Еуростандард банка“ АД Скопје имате трансакциска сметка и во друга банка, користете ја таа сметка за остварување на Вашите приливи на парични средства, но претходно контактирате ја банката во којашто е сметката (преку е-пошта или преку телефонскиот контакт-центар), за да се информирате дали е потребно да ги ажурирате своите податоци. 

  • Доколку немате отворено трансакциска сметка во друга банка, потребно е да отворите нова трансакциска сметка во некоја од банките во земјата, по Ваш избор. 

  • Со цел непречено да остварувате приливи на парични средства, потребно е со писмен допис да ги известите институциите и лицата од коишто очекувате идни приливи, уплатите на паричните средства во иднина да ви ги исплаќаат на ваша трансакциска сметка во друга банка, и притоа треба да им го доставите бројот на трансакциската сметка и називот на банката во која таа е отворена.

  • Вработените лица треба во најкраток рок да го известат својот работодавач, пред следната исплата на плата или други приходи коишто им ги исплаќа работодавачот.

  • Пензионерите и корисниците на социјална помош, детска заштита и други видови на социјална помош треба да ја известат банката преку којашто би сакале понатаму да им се вршат исплатите.

  • Лицата кои остварувале други приливи по било кој основ преку сметка во „Еуростандард банка“ АД Скопје (пр. хонорари, закупнини, субвенции, стипендии итн.), треба да го известат исплатувачот на средствата во иднина уплатите да ги врши на трансакциската сметка во друга банка.

ДЕПОЗИТИ

  • Депозитите на физички лица (резиденти и нерезиденти) во „Еуростандард банка“ АД Скопје се осигурени согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити. Осигурениот износ е до 30.000 евра по физичко лице – депонент. Обесштетувањето на овие лица ќе се врши со исплата на средства од страна на Фондот за осигурување на депозити (ФОД) и ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот.

  • Предмет на обесштетување се денарските и девизните депозити, средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизните приливи и сертификатите за депозити издадени од „Еуростандард банка“ АД Скопје.

  • За обесштетувањето, нема потреба од дополнително барање / пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица. Депозитите се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во Банката.

  • Обесштетувањето се исплатува во денари, при што депозитите вложени во девизи се обесштетуваат според средниот курс на Народната банка на 12 август 2020 година, кога е донесено Решението за укинување на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје.

  • Пред започнување со исплата на обесштетувањето, ФОД преку соопштение до медиумите ќе ги известат депонентите-физички лица за: датумот на почеток на исплата на обесштетувањето на депозитите, за банката-исплатувач / банките-исплатувачи преку која/кои ќе се врши исплатата на обесштетувањето и за начинот на подигнување на потврдите за сопственост на депозитите.

  • При обесштетување, поединечните депозити на едно лице се сметаат за единствен депозит.

  • Со обесштетувањето на депозитите се опфаќа и договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата заклучно со 12 август 2020 година, којашто не му била исплатена на депонентот-физичко лице.

  • Депонентите-физички лица коишто имаат депозити во „Еуростандард банка“ АД Скопје повисоки од 30.000 евра, во рамки на обесштетувањето од страна на ФОД ќе им бидат исплатени средства до 30.000 евра во денарска противвредност, по лице. Своето право за целосно намирување до висина на вкупниот депозит (разликата меѓу вкупниот износ на депозитот и пресметаниот износ на обесштетување) ќе може да го остварат од стечајната маса на „Еуростандард банка“ АД Скопје. За ова нема потреба од дополнително барање / пријавување на побарувањата од страна на депонентите-физички лица. 

  • Согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити, во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите обврски кон банката.

КРЕДИТИРАЊЕ

  • Начинот на измирување на обврските на физичките лица врз основа на кредитите, клиентите ќе го регулираат со стечајниот управник, којшто навремено ќе сподели информации со нив. 

ГРАЃАНСКИ СЕФОВИ

  • Физичките лица кои користеле сеф во трезорот на „Еуростандард банка“ АД Скопје, по отпочнување со работа на стечајниот управник ќе можат да ги подигнат своите предмети од вредност. Овие предмети се нивна сопственост и не може да бидат задржани во текот на стечајната постапка.

ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРАВНИТЕ ЛИЦА 

  • Од причина што на „Еуростандард банка“ АД Скопје ѝ е укината дозволата за основање и работење и е исклучена од платниот промет во земјата и странство, нема да бидете во можност да ја користите вашата сметка во Банката.

  • Ако имате сметка во друга банка, со цел за непречено деловно работење потребно е да ја користите таа сметка. Претходно, потребно е да ја контактирате банката во којашто е отворена сметката (преку е-пошта или преку телефонскиот контакт-центар) за да се информирате дали е потребно да ги ажурирате вашите податоци. 

  • Доколку немате сметка во друга банка, потребно е да отворите сметка во некоја од останатите банки во земјата, по Ваш избор. 

  • Со цел непречено да остварувате парични приливи во иднина, препорачуваме сите правни и физички лица со кои имате деловна соработка, писмено да ги известите за промената на сметката на правното лице, при што ќе ги наведете бројот на сметката и банката во која таа е отворена.

ДЕПОЗИТИ

  • Побарувањето по основ на своите депозити во Банката, депонентите-правни лица ќе може да го остварат од стечајната маса на „Еуростандард банка“ АД Скопје, а се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во Банката. Нема потреба да поднесувате посебно барање или да го пријавите своето побарување по основ на депозит од стечајната маса на Банката. 

ДРУГИ ПОБАРУВАЊА НА СРЕДСТВА ОД „ЕУРОСТАНДАРД БАНКА“ АД СКОПЈЕ
(НЕ ПО ОСНОВ НА ДЕПОЗИТ)

  • Доверителите на Банката треба да ги пријават своите побарувања во рок кој ќе биде определен со решението на судот за отворање на стечајната постапка во Банката, а кој не може да биде подолг од 20 дена. 

  • Потоа, овие доверители ќе треба своите побарувања да ги намират од стечајната маса на Банката во соодветна постапка.

КРЕДИТИРАЊЕ

  • Начинот на измирување на обврските по основ на кредити, клиентите ќе го регулираат со стечајниот управник, којшто навремено ќе сподели информации со нив.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани