2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

На денешен ден пред 78 години убиени се народните херои Стив Наумов и Мите Богоевски

Септември 12, 2020

На денешен ден, 12 септември 1942, од бугарската фашистичка окупаторска полиција е убиен Стеван НАУМОВ-Стив, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Роден е во  Битола, на 27 октомври 1920 година. Неговото семејство води потекло од селото Битуша, Леринско, Егејски дел на Македонија. Заврши гимназија во Битола, а потоа студираше на Техничкиот факултет во Белград, каде што е примен за член на СКОЈ и на КПЈ.

Во Белград повеќе пати е апсен, а по враќањето во Битола е избран за секретар на Месниот комитет на КПЈ. Од таа позиција разви жива активност за формирање на партиски ќелии и привлекување на нови членови, а таа неговата активност особено имаше резултати во битолското претпријатие за преработка на тутун познато како „Монопол“.

По Априлската војна 1941 г. работи на прибирање на оружје, муниција и друг воен материјал и на организирање на оруженото востание против бугарскиот окупатор. Се спротистави на решението на Методија Шаторов-Шарло за поврзување на македонската партиска организација со БКП и непреземање на вооружени акции.

Сосема рано од периодот на окупацијата, во јули 1941 г., премина во илегалност. Ја осмисли и организира т.н. Илинденска демонстрација во Битола на 2 август 1941 г. Го организира и раководи формирањето на Битолскиот партизански одред „Пелистер“ во април 1942 г. На 6 мај 1942 г. во Битола го уби полицискиот бугарски началник Александар Ќурчиев. Во јуни 1942 г. стана член и политички комесар на Оперативниот штаб на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија.

Непосредно учествува во формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 г. над ресенското село Златари. Ја раководи и учествува во нападот на овој одред на полициската станица во село Кажани, Битолско, на 18-19 август 1942 г.

 Загина кај селото Болно, Ресенско, во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Мите Богоевски. Бугарската полиција овие македонски патриоти првин ги погреба во два гроба, потоа ги откопа и ги пренесе кај селската црква, а од тука, потајно, ги однесе кај селото Ѓавато и ги запалиле со бензин.Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат.

Прогласен е за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 г.

 

                       **************

 

 

На денешен ден, 12 септември 1942, од буграската фашистичка окупаторска полиција е убиен Димитар /Мите/ БОГОЕВСКИ, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Роден е во селото Болно, Ресенско, на 31 октомври 1919 г. Основно училиште заврши во родното село, прогимназија во Ресен во 1935 г., а учеше и во Трговската академија во Битола во периодот од 1935 до 1937 г. Поет, кој уште во училишните денови во Ресен ги напиша првите песни на македонски јазик.

Во Трговската академија во Битола во 1937 г. стана член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Истовремено е член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ“. Како студент на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет стана и член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во 1939 г. Поради недостиг на материјални средства е принуден да се врати во родното село во 1940 г. и таму е член на Месниот комитет на КПЈ за Ресен.

Уапсен е од српската полиција во Битола на 16 септември 1940 г. и спроведен во затворот Главњача.

По бугарската фашистичка окупација извесно време работи во Општината во селото Јанковец, а е еден од главните организаторите на антиокупаторската и антифашистичка борба во Преспанско.

Од 1941 г. е секретар на Околискиот комитет на КПЈ за Преспа и дејствува како илегалец. Учествува во формирањето на Партизанскиот одред „Даме Груев“.

Загина во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Стеван Наумов-Стив. Бугарската полиција овие македонски патриоти првин ги погреба во два гроба, потоа ги откопа и ги пренесе кај селската црква, а од тука, потајно, ги однесе кај селото Ѓавато и ги запалиле со бензин.Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат.

Прогласен е за народен херој на Југославија на 2 август 1949 г.

 

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани