АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фирмата „Трансмет“ на Сеад Кочан се откажа од договорот за ископ на јаглен во РЕК „Битола“ и се повлече од претходно добиениот тендер поради неможност да ги исполни обврските за ископ според утврдената динамика, информираше АД ЕЛЕМ.
„Од денеска договорот со ‘Трансмет’ е раскинат и АД ЕЛЕМ ќе ги преземе сите правни дејства што му стојат на располагање во согласност со договорот и законите за да ја намали штетата што му е причинета од несовесното работење на наведеното правно лице, а со тоа да ја намали и штета врз јавниот интерес, сега, но и во иднина“, соопшти ЕЛЕМ.
Од таму наведуваат дека ќе ја наплатат банкарската гаранција од 300 илјади евра, која има право да ја активира по неколку основи од договорот, што „Трансмет“ ги прекршил.
„АД ЕЛЕМ ќе испрати известување до Бирото за јавни набавки за активирање на банкарската гаранција, по што следува издавање негативна референца од страна на Бирото за конкретното правно лице, со што ова правно лице ќе биде спречено да учествува на државни тендери во траење од една година и ќе биде оневозможено да нанесе евентуална штета врз други државни фирми и институции“, се вели во соопштението.
За поцелосно информирање на јавноста, велат од ЕЛЕМ, сакаме да наведеме дека во изминатите три месеци од кога беше склучен договорот, правното лице „Трансмет“ не ги испорача договорените количини јаглен за ниту еден месец ниту ги надомести во следниот месец, како што дополнително се обврза. Исто така, во вториот и третиот месец испорачуваше јаглен со недоволна калориска вредност.
Подолг период имало и застој во работата поради штрајк на работниците на „Трансмет“, кои во последните 20 дена целосно го запреа ископот.
„Со оглед на тоа што овој договор е веќе раскинат, АД ЕЛЕМ ѝ понуди на фирмата што беше второрангирана на тендерот да склучи договор и да го преземе ископот на јаглен, што од нивна страна беше одбиено. Поради тоа, АД ЕЛЕМ ќе распише нов тендер за избор на надворешна фирма за ископ на јаглен во РЕК „Битола“, односно во рудникот „Брод-Гнеотино“. Во меѓувреме додека да се реализира новиот тендер, ископот на јаглен ќе се покрие преку т.н. итна постапка, односно ќе бидат повикани неколку фирми што имаат работено на ископ и транспорт на јаглен и јаловина, од кои ќе се избере најповолна понуда и ќе се склучи спогодба за привремено вршење ископ во следните три месеци, односно до конечниот избор на фирма за ископ, преку тендер и е-аукција“, велат од ЕЛЕМ.
Од таму потенцираат дека раководството на АД ЕЛЕМ успева да ја менаџира новонастаната негативна ситуација во насока да одговори на потребите за електрична енергија и обезбедување енергетска стабилност на системот.