АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
(Повод 4 ноември-Кои биле афинитетите на народните херои додека учеле во Горната гимназија)
Од Гимназијата во Битола произлегле повеќе револуционери, народни херои, првоборци за слобода и правда. Во Битолската гимназија матурирале пет народни херои: Стив Наумов, Мирче Ацев, Елпида Караманди, Кузман Јосифовски-Питу и Борка Тзлески-Модерното.
Како што пишува во книгата „Народните херои од Битолската гимназија“ од Никола Главинче, која од печат излезе деновиве, револуционерите припаѓале на една силна генерација на ученици кои ја донесле слободата во Македонија. Тие немале прилика да учат на македонски јазик, но го издигнале на највисок стадиум македонскиот патриотизм.
По повод Денот на ослободувањето на Битола, пренесуваме информации од книгата за активностите кои ги привлекувале овие борци додека биле ученици во Гимназијата.
Стив Наумов (1920-1942)- истакнат припадник на македонското национално ослободително движење. Во Гимназијата соучениците Стив го ценеле како личност со прониклив дух, со натпросечна интелигенција и добра логика. Искрен, отворен, која за другар душа би дал. Покажал афинитети кон цртањето, свирел виолина, а пројавил интерес и за стрелаштво. Како ученик припаѓал на прогресивната група ученици во Битолската гимназија.
Мирче Ацев (1915-1943) учел петти клас во Битолската гимназија. Поради лошата материјална положба, неговата мајка го продала свадбениот накит за да обезбеди средства за школување за Мирче.
Елпида Караманди (1920-1942) учесник во антифашистичката борба на Македонија. Како гимназијалец била одличен ученик, а во Гимназијата покрај наставната област , била и активна и во воннаставните активности. Била член на мешаниот училишен хор во кој пеела сопран. Пеела песни на повеќе јазици: македонски, српски, грчки, француски и шпански. Имала афинитет кон англискиот јазик, па студирала англиски јазик при Универзитететот во Белград.
Кузман Јосифовски-Питу (1915-1944) бил еден од главните организатори на антифашистичкото движење во земјава. Како гиманазијалец бил примерен ученик , интелигентен и учтив.
Борка Талески –Модерното (1921-1942) револуционер, партизан, борец во НОБ. За време на училишните денови бил голем љубител на белетристика , а подоцна и на марксистичка литература. При крајот на средното образование тој и сам почнал да пишува одредени текстови , па во 1938 година бил дописник на списанието „Подмладак“ од Крагуевац. Имал само 17 години, а се вброил меѓу осумте автори чии текстови редовно се објавувале . Покажал големо знаење,вештини за пишување и истакнатост.