По капитилацијта на Бугарија, продолжувајќи ја борбата против германските единици што се повлекувале од Грција кон Албанја и Србија, борците на 49. дивизија на НОВ и ПО на Македонија, во чии рамки влегувале борците од Седмата битолска бригада, Битолско-преспанскиот партизански одред, а нешто подоцна и борците на Леринско-костурската бригада, уште позасиелно ги напаѓале германските колони и им нанесувале тешки загуби во луѓе и техника.
Беа ликвидирани и непријателските упоришта во непосредна близина на Битола односно кај село Крклино и Могила. Од друга страна кон 20 октомври 1944 г. Леринско-костурската бригада, по наредба на Штабот на 49. дивизија на НОВ и ПОМ, ги затворала патните правци Лерин-Битола и Меџитлија-Битола и во реонот на битолските села Породин, Кравари и Бистрица имала повеќе напади врз германските моторизирани колони кои се повлекувале од Грција.
Утрото на 4-ти ноември 1944 година, единиците од 49. дивизија на НОВ и ПО на Македонија, победоносно влегле во Битола каде биле со воодушевување пречекани од граѓаните. Во четиригодишната херојска Националноослободителна и антифашистичка војна на Македонија, граѓаните на Битола и Битолско дадоа значаен придонес, а околу 266 борци ги положија своите животи во нерамноправна борба со бугарските, италијанските и германските окупатори и нивните домашни слуги.
Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар