УНЕСКО го прогласи 5 ноември како Светски ден на ромскиот јазик во 2015 година, и даде уште една причина повеќе да ги славиме и чуваме ромскиот јазик и култура, за да ја препознаеме важноста и еднаквоста на сите јазици.
Ромскиот јазик е официјален јазик на сите Роми во светот, збогатен со историски процеси на миграции и широк спектар на влијанија.
Во духот на зачувување на ромскиот јазик, со финансиска поддршка на Владата на Република Северна Македонија, во 2019 и почетокот на 2020 година се издадени 1.000 примероци на македонско – ромски речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демир.
Македонско-ромскиот речник содржи повеќе од 10.000 зборови .
-Во таа насока е и публикувањето на Граматиката на современиот ромски јазик која има за цел да придонесе и во стандардизацијата на литературниот ромски јазик.
Припадниците на Ромската заедница од Република Северна Македонија имаа пресудна улога во официјализирањето на ромскиот јазик во мапата на јазиците на народите на светот со иницијативата и со делото на професорот Јусуф Шаип. Тој го посвети целиот живот на стандардизација на ромскиот јазик и за негово вклучување во образованието, информираат од Владата на Р.С.Македонија.